Достапни линкови

Аналитичарите сметаат дека улогата на црквата е пренагласена, дури и решавачка


Српската православна црква ги повика граѓаните да го поддржат донесувањето на Уставот. Иако истото го сторија и некои помали цркви и верски заедници, сепак анлитичарите сметаат дека општествената улога на православната црква во Србија е пренагласена, дури и решавачка.

Патријархот Павле на чија покана српскиот премиер Воислав Коштуница ја посети патријаршијата ги повика граѓаните, без оглед на верската и националната припадност, да излезат на референдумот и да гласаат за Уставот:

„Оваа наше обраќање не е политика, туку грижа за опстанок и иднина за нашите древни светости и на нашиот народ.“

Иако често може да се слушне дека референдумот престанал да биде политичко и станал патриотско прашање, Коштуница вели дека новиот Устав е по мера на сите кои живеат во Србија.

„Косово и Метохија, во разговорот со патријархот Павле, уште еднаш не можев, а да не повторам дека е составен дел на Србија, историски и правно. Сето тоа, по сите мерила на правдата во светот, човечка и божја, е повторено и во нашиот Устав.“

Изјави премиерот Коштуница. Со оглед на тоа што општествената улога на Српската православна црква во последните години е многу нагласена, не е тешко да се прогнозира каков ќе биде и резултатот од референдумот, вели социологот Мирко Ѓорѓевиќ.

„Влијанието на црквата ќе биде огромно, бидејќи самата црква негува еден вид политички култ спрема генерал Ратко Младиќ. Во нашата црква е силна и таканаречената монархистичка носталгија, но силни се и антиевропските и антимодерните тенденции.“

Група невладини организации и партии повикаа на бојкот наведувајќи дека на референдумот најмалку ќе се гласа за правата и слободите на граѓаните, туку исклучиво за територии.

„Фамозната преамбула во Уставот, впрочем е еден вид добра спогодба со Црквата. Може да се каже дека текстот на преамбулата потекнува од Црквата, бидејќи таа смета дека Косово е нејзино. Лично мислам дека овој Устав всушност е во функција на предизборната кампања.“

Вели социлогот Мирко Ѓорѓевиќ. Инаку, последните истражувања покажуваат дека во избирачкото тело на Србија постои потребната поддржка за потврдување на новиот устав на земјата. Над три ипол милиони гласачи се изјаснија дека сигурно ќе излезат на референдумот.
XS
SM
MD
LG