Достапни линкови

Вратата на НАТО е отворена за сите земји што ќе се подготват за членство


Соединетите држави ја подржуваат Македонија во нејзините аспирации за членство во ЕУ и НАТО и ќе продолжат со подршката за исполнување на потребните реформи за таа цел, посочи при денешната посета на земјава Розмари Ди Карло, Државен заменик помошник секретар за европски и евро-азиски прашања на Соединетите Држави. Во оваа насока на прашањето дали Македонија може да очекува влез во НАТО во 2008-та година Ди Карло со одговор:

„Сакаме Македонија да ја направиме најсилниот можен кандидат за членство во НАТО. Позицијата на САД за проширувањето на НАТО е многу јасна, а тоа е дека навистина вратата е отворена за сите оние кои што сакаат да станат членки и кои што самите ќе се подготват за едно такво членство.“

Потсетувајќи на реформите што земјава мора да ги исполни во насока на евроатлантските аспирации, американскиот Државен заменик секретар Ди Карло, ја потенцираше важноста од соработката на Владата со сите политички партии:

„За време на средбите постојано беше потенцирано за потребата од имање консензус помеѓу Владата и другите политички партии за потребните реформи за македонската интеграција во евроатлантските институции.“

Изјави Ди Карло. Македонија останува на ставот дека нејзините очекувања се на НАТО самитот во Рига да добиеме позитивни сигнали за успешноста од стабилизација на земјата која од примател стана учесник со свои сили во меѓународни мисии, истакна пак, Министерот за надворешни работи Антонио Милошоски по средбата со Ди Карло притоа заблагодарувајќи и се и на претходната Влада:

„Самитот во Рига нема да биде самит на проширување, но ќе биде самит на кој Македонија, Хрватска и Албанија очекуваат сигнал дека на следниот самит на проширување ќе бидат едни од земјите кои ќе добијат покана да се придружат на Алијансата.“

Ди Карло и Милошоски исто така го отвориле прашањето и за Косово при што како што истакна македонскиот Министер за надворешни работи финализирањето на косовскиот статус ќе биде добра шанса и за затворање на техничкото прашање за демаркација на граница:

„Потполно го подржуваме мандатот на Марти Ахтисари и подготвени сме и понатаму да ја даваме оваа подршка, се со цел што побрзо ова отворено прашање да се затвори.“

истакна Милошоски.

Инаку, американскиот државен заменик секретар Розмари Ди Карло претходно во Владата оствари средба со премиерот Никола Груевски и останатите владини министри.
XS
SM
MD
LG