Достапни линкови

Алтернативни извори на енергија или обнова на термоцентралите на јаглен?


Веќе една година Електростопанство Дистрибуција на Македонија е трансформирано во четири компании. ЕСМ дистрибуција и снабдување, ЕЛЕМ во кое се опфатени сите електрани во во земјата, МЕПСО компанијата преку која се врши пренос на електрична енергија и термо централата Неготино која се уште го користи мазутот како извор на енергија. Новиот сопственик на ЕСМ, дистрибуција и снабдување, австриската компанија ЕВН, неможе да влијае на енергетската криза во земјава, оти таа купува струја од МЕПСО, а во недостиг на домашно производство МЕПСО увезува извори на енергија од надвор. Токму затоа надлежните институции во Македонија треба да сфатат дека алтернативните извори на енергија се излез од моменталната енергетска кризa, предупредува претседателот на здружението за користење на обновливи извори на енергија, Трпе Груевски.

„Нафтата ќе ја нема за 30 години, гасот ќе го нема за 50 – 60 години. Јагленот ќе го има за 100 години, но не е рамномерно распореден.“

За разлика од Груевски, професорот Рубин Талески од Електротехничкиот факултет вели дека обновливите извори на енергија не се соодветно решение за недостигот од електрична енергија со кој се соочува земјата.

„Алтернативните извори се како десерт на крај од ручек. Убаво е да го имате, но за да се најадете, ви треба нешто друго.“

За Трпе Груевски изградбата на сончеви централи кои ќе го користат сонцето како непресушен извор на енергија, се најдобриот излез од енергетската криза, која прераснува во глобален проблем.

„Земја која нема сопствена енергија и доволно енергија, таа не може да смета на успешен развој.“

Проф. Талески пак, смета дека изградбата на сончевите централи засега не е најповолното решение, оти технологијата за изградба на истите е скапа и се уште не е усовршена. Тој предлага две поинакви решенија за излез од моменталната состојба.

„Битола централите се стари. Во следниве десет години трите блока треба да се ревитализираат. Неготино треба да се префрли на работа на јаглен и да се премине на работа со увозен јаглен.“

Енергетичарите велат дека во следните неколку години, недостигот од јаглен ќе се пополнува со увоз од соседните земји, а во Скопје ќе се изгради и гасна централа.
XS
SM
MD
LG