Достапни линкови

Владеење на правото и сузбивање на корупцијата ќе го намали организираниот криминал велат експертите


Сузбивањето на корупцијата, значително ќе ги намали криминалните дејства, зошто таа е еден од главните методи врз основа на кој организираниот криминал ги остварува своите цели, велат експертите. Според професорот по кривично право Љупчо Арнаудовски, Македонија презема кадровски и организациони мерки за спречување на криминалните дејства, но борбата против организираниот криминал во земјава, бара соодветна организација во самата држава:

„Функционирањето на државата врз владеењето на правото, е клучен проблем. Тогаш во самата држава нејзините институции се недоследни во создавањето на претпоставки таа да функционира како правна држава, се отвараат можности за корупцијата а со тоа и на организираниот криминал.“

Дека е неопходна заедничка соработка помеѓу органите на државата , но и пошироко со другите земји во регионот потврдуваат и од министерството за внатрешни работи. Од таму велат дека фалсификувањето пари, недозволената трговија со дрога и илегалната миграција се најчестите форми на организиран криминал. Од МВР информираат дека имаат одлична соработка соминистерствата на Србија, Бугарија, Албанија со кои се одржуваат и периодични средби помеѓу директорите на полициите и шефовите на службите за борба против оргазнизираниот криминал. Доказ за добрата соработка е тоа што и во Македонија, а и во други земји во регионот се фатени голем број на сторители на тешки кривични дела, велат од МВР.
Според професор Арнаудовски во моментот Македонија не треба да се плаши од евентуални терористички акции:

„Не, оние воени дејствија од 2001-та година, тоа беа кај нас терористички дејствија, кои што беа тесно поврзани со организираниот криминал, бидејќи тие што ја водеа борбата беа криминалци и тоа го искористија да направат големи пари.“

Експертите велат дека во борбата против криминалитетот, клучна е и размената на информации со другите земји и примена на искуствата како во земјава, така и на другите подрачја кадешто се јавува организираниот криминал. Македонија е потписник и на конвенцијата за спречување на организираниот криминал во Палермо 2000 година, со што се обврзува на преземање мерки за спречување на криминалните дејства.
XS
SM
MD
LG