Достапни линкови

Експертите сметаат дека ваквите изјави треба да бидат стимул за продолжување на реформите


Иако шефот на Европската комисија, Жозе Мануел Баросо соопшти дека Македонија во блиска иднина нема да добие конкретен датум за преговори, нашата земја треба да ги продолжи реформите кои ќе ја приближат до европското семејство. И покрај тоа што сме преосетливи на оваа тема, ваквите изјави треба да бидат сфатени само како стимул за продолжување на започната работа, велат експертите:

„Го разбирам само во таа насока, на дополнителен стимул за нас и не гледам некоја подлабока опасност. Мислам дека сме за нијанса преосетливи заради целата конјуктура околу нашиот прием и заради тоа што меѓудругото и политичката елита понекогаш го „загрева“ тоа од свои причини кои се врзани со внатрешната динамика на политичкиот живот на Македонија, многу повеќе од колку што е врзано со ЕУ.“

изјави аналитичарот Ивица Боцевски.
Во насока на исполнување на критериумите за членство, Владата има задача за секое министерство одделно да ги утврди обврските кои произлегуваат од националната програма за усвојување на правото на ЕУ .
Од Министерството за надворешни работи, велат дека наредниот период ќе се фокусираат на неколку приоритетни активности:

„Прво, во тек е донесувањето на законот за меѓународни рестриктивни мерки што е обврска за донесување до крајот на годината. Втората област се однесува на прилагодувањето кон политиката на ЕУ во борбата против тероризмот, разоружувањето и непролиферацијата на оружјето за масовно уништување и третата област е областа на европската безбедносна и одбрамбена политика, каде што Македонија односно Министерството за надворешни работи е задолжено да ги врши подготовките за учество во операции за управување со кризи предводени од ЕУ.“

изјави Шпреса Јусуфи, портпарол на МНР.
Од канцеларијата на Европската Унија во земјава, велат дека вчерашната изјава на Баросо воопшто не значи дека вратите на ЕУ се затворени за Македонија, туку токму спротивното, бидејќи тој јасно подвлече оти Македонија и другите земји од Западен Балкан својата иднина ја имаат во европското семјество. Ова уште повеќе го потврдува вчерашната изјава на еврокомесарот за проширување Оли Рен, кој јасно ја нагласи европската перспектива на целиот западен Балкан, изјавија од канцеларијата на ЕУ во земјава.
XS
SM
MD
LG