Достапни линкови

Уште една земја сосед членка на ЕУ дава огромни можности


Позитивно влијание за Македонија од политички, безбедносен и економски аспект ова е реакцијата од Секторот за евроинтеграции при македонската влада по вчерашната одлука на Европската Комисија за прием на Бугарија и Романија во Унијата на 1 јануари 2007-та година. Драган Тилев државен советник во Секторот изјавува:

„Да имаме уште еден сосед како членка на ЕУ дава огромни можности, тоа значи дека половината од границите ни се кон членките на Европската Унија што значи поблиска соработка, едноставно поблиску до случувањата и збиднувањата до ЕУ.“

По деновиве актуелните изјави кои дојдоа од Брисел, околу преиспитувањето на понатамошната апсорпциона моќ на Унијата, во Секторот за евроинтеграции потенцираат дека напротив приемот на Бугарија и Романија е доказ дека проширувањето во рамки на ЕУ продолжува. Потребниот период за внатрешната консолидација во Унијата, не задира во роковите за членство на Македонија во европското семејство, посочува Тилев:

„Ако ги гледаме годините 2007-та 2008-та, тоа се години во кои Македонија не ни помислуваше дека може да стане членка ние само рековме дека во тие години ќе работиме, за да ги постигнеме стандардите и да ги исполниме критериумите. И се разбира датумот за почеток на преговорите, ќе зависи од два моменти. Едниот момент е колку бргу ние напредуваме во исполнувањето на нашите обврски, а вториот момент е колку бргу ЕУ ќе може да создаде услови внатре, за да може да отпочне преговори за членство.“

Сосема на иста линија, околу позитивните ефекти врз Македонија од приемот на Бугарија и Романија во Европската Унија е и претседателот на Европското движење Димитар Мирчев, кој што потенцира дека токму забелешката од Брисел до Софија и Букурешт, дека ќе бидат набљудувани во натамошното исполнување на обврските се дополнителен мотив и искуство за нас во спроведувањето на реформите:

„Тој надзор и на нас се однесува и ние имаме повеќе време отколку Бугарија и Романија за поквалитетно да ги извршиме тие реформи и да ги отстраниме тие ,,метастази,, во системот.“

Забележува Мирчев.
XS
SM
MD
LG