Достапни линкови

Решението за косовскиот статус да биде постигнато до крајот на годинава


Големите сили му одобрија на посредникот на Обединетите Нации Марти Ахтисари да предложи план и да биде постигнато решение за финалниот статус на Косово до крајот на годинава. Решението, како што се наведува во заклучоците од вчерашниот министерски состанок на Контакт групата одржан во Њујорк, не ќе може посебно да го блокира ниту една страна.

,,Министрите ја потврдуваат својата решеност да бидат направени сите можни напори преку преговори да се постигне решение за статусот на Косово во текот на две илјади и шестта година,, соопштија шефовите на дипломатиите на Контакт групата во која се Соединетите Држави, Британија, Франција, Германија, Италија и Русија. Во изјавата на оваа група што ја надгледува балканската дипломатија остро се критикува, како што се вели, обструкцијата на Белград во врска со учеството на косовските срби во косовските институции. Контакт групата во Њујорк слушна од пратеникот Марти Ахтисари дека на осум месечните разговори меѓу Белград и Приштина не бил постигнат голем напредок.

„Евидентно е дека позициите на двете страни остануваат многу далечни. Белград би се согласил на се освен на независност, додека Приштина не прифаќа ништо друго освен целосна независност.“

Изјави пред извесно време Ахтисари. Контакт групата вчера изрази задоволство од работата на Ахтисари и побара од страните, под негово раководство, да покажат поголема конструктивност за да биде премостен јазот меѓу нив. Доколку не го сторат тоа се очекува големите сили да наметнат свое решение.,,Бидејќи процесот влегува во значајна фаза, министрите очекуваат трајно решение на последното важно прашање кое се однесува на распаѓањето на Југославија,, се наведува во соопштението на Контакт групата. Аналитичарите велат дека Белград знае оти Косово е загубено, но оти тоа би можело да предизвика обид за отцепување на северниот дел на Косово каде што живее српското малцинство. Се смета дека тоа би можело повторно да го потикне албанското бунтовништво во јужна Србија и во Македонија.
XS
SM
MD
LG