Достапни линкови

Али Ахмети, претседател на ДУИ. Не сакаме да ни се повтори минатото


Г-дине Ахмети ќе прифати ли ДУИ да биде опозиција и како ќе делувате понатаму?

ДУИ е партија која што е мошне консолидирана со висок степен на единственост во размислувањата и во делувањата. Како што знаете во ноември минатата година се одржа првиот конгрес на партијата, каде што се избрани партиските органи и членовите во нив, што значи дека партијата е прилично консолидирана. Прашањето дали една партија ќе биде опозиција или не, е прашање кое што не зависи од вољата на еден човек или пак на една група, туку е прашање кое што зависи од вољата на граѓаните изразена на избори. Ние на овие избори ја добивме довербата на албанците, така што не е прифатливо за нас, односно за албанците некој друг да одлучува за тоа кој ќе биде нивен претставник. Ова не е прашање на ДУИ, тука не е во прашање Али Ахмети, тука се во прашање големи процеси, а основното прашање е зошто Груевски не им верува на албанците, односно дали Груевски ќе биде премиер на сите граѓани на Македонија или ќе одбере да биде премиер само на еден дел од граѓаните на Македонија? Ние не сакаме ДУИ да биде извор на злото, но наша морална обврска е да го изразиме незадоволството и да ги демаскираме неправдите што другите ги прават. Ние сме политичка партија за да направиме добри работи кои што ќе бидат во интерес на сите граѓани на Македонија, ние сме граѓани на оваа земја и имаме право да ги изразиме сите незадоволства за неправдите што се вршат кон албанската заеднциа, но и кон другите заедници. Ние сме за напредок на земјата, ние сме за тоа земјата што побрзо да стане членка на обединета Европа и на НАТО, затоа што тоа ќе биде богатство за сите граѓани на Македонија, но не долку се дејствува во спротивност со вољата на албанскиот граѓанин, со неприфатливи дејствија какви што се тие што ги презема во последно време мандатарот Груевски.

Претставници од вашата партија присуствуваа на свечената седница по повод денот на независноста 8 Септември, а еве и до последните покани кои што си ги испраќате со премиерот Груевски. Станува ли збор за притисок во овие чекори извршен од страна на меѓународната заедница?

Присуството на свеченоста за 15 години од независноста незначи дека ние ги прифативме институциите и дека ги менуваме ставовите за легитимно признавање на т.н. Влада на мандатарот Никола Груевски. Ние се обидуваме на меѓународната заедница да и ги објасниме сите случувања во земјата, затоа што несакаме да бидеме ничиј сервис, ниту средство за „поткусурување“. Ние сакаме работите да се постават правилно, да бидеме луѓе кои што ќе почитуваат, но и ќе бидат почитувани од другите во нашата земја. Но чувството за респект кон нас, ние неможеме да им го наметнеме на другите, тој респект на другите кон нас ќе зависи од самата нивна култура и од лекциите што ги научиле во изминатите 50 години на случувањата што ги доживеа Македонија, регионот и Балканот воопшто…

Барате промена на Уставот? Како го замислувате тоа и сметате ли дека ќе наидете на подршка?

Сигурно дека тоа би се санкционирало на тој начин што партиите победнички во двата блока би ги формирале идните влади. Сите треба да го разберат правилно овој предлог затоа што сите се залагаме да продолжиме со реформите и секоја реформа што води кон економски или политички прогрес, без оглед на потешкотиите, треба да биде прифатена од сите прогресивни сили кои што и мислат добро на земјата.

Г-дине Ахмети кој е ставот на ДУИ во однос на законот за полиција и воопшто има ли промени во вашиот став по ова прашање?

Ние не сме се согласиле со предлозите кои што се дадени за законот за полиција, и нема да се согласиме со овој проект. Новиот состав на т.н. Влада не ни доставил никаков писмен предлог, пред неговото усвојување од страна на Владата. Ние ја разгледуваме ситуацијата и на соодветен начин во потребниот момент ќе излеземе со наши конкретни ставови по ова прашање. Да појаснам, ние не сме дале согласност за проектот на поранешниот министер за внатрешни работи Љубомир Михајловски.

Еден од начините за изразување револт од страна на ДУИ поради неучеството во власта е непослушност во општините каде градоначалници се членови на вашата партија. Тоа беше случај со општина Чаир каде беше променет грбот и знамето на општината без почитување на Бадентеровото мнозинство? Сметате ли дека со ваквиот чекор, непочитувањето на Охридскиот Договор всушност произлезе од ДУИ?

Најпрво да не дојде до недоразбирање, ова не е револт поради тоа што ДУИ не е во власта, ова не е револт на ДУИ, туку на албанците во Македонија поради понижувањето или потценувањето што претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Груевски, го направи кон албанскиот народ во Македонија со непочитувањето на албанскиот глас. Што се однесува до Бадентеровиот принцип, овој принцип е прекршен пет пати во последните шест месеци во неколку општини каде што албанците се малцинство. Овој принцип е прекршен во неколку скопски општини како на пример во Бутел, а и во Чашка, Крушево, Битола и Охрид и ние за ова започнавме процедура и сме во постојани контакти со ОБСЕ, во контакти сме со меѓународните посматрачи и во принцип ќе ги претставиме сите случаи каде што се крши Бадентеровиот принцип и Охридскиот договор и ова ќе го разјасниме со пишани факти.

Кои се тие случаи?

Сите овие прашања треба да се разгледаат во пакет.

Г-дине Ахмети завршени ли се „заканите“ за конфликт во Македонија? Изјава која, иако често велевте дека сте погрешно разбрани, можеше да се слушне во деновиве на изразување на вашиот револт поради неучеството во власта?

Да се потсетуваш на минатото, незначи дека се закануваш со војна. Да се потсетуваш на минатото значи дека си научил нешто од него. Ние секогаш ќе се сеќаваме, затоа што сакаме да изградиме сигурна иднина за нашите деца. Бидете сигурни дека тие што не се сеќаваат или го заборавиле минатото, бидете убедени дека тие незнаат да ја градат иднината односно прават грешки во градењето на иднината. Поради тоа ние ја алармиравме не` само меѓународната заедница, туку и сите граѓани во Македонија, без оглед на која заедница и припаѓаат, сите интелектуални слоеви, студенти... Затоа што несакаме минатото да ни се повтори. Но, кога почнува „лавината“ таа почнува како многу мала, но потоа таа расте и неможе да биде сопрена. Ние сме против „лавините“ и несакаме минатото да ни се повтори. Ние сакаме оваа земја да оди напред, а таа ќе се движи напред со меѓусебно респектирање, со почитување на заедничките вредности, со почитување на меѓусебните култури, на јазикот на другиот, и традициите. Несакам ова да го разберете како закана, затоа што ние минатото не го заборавивме, но минатото не треба да ни се повтори!

Во оваа насока, како гледате на стабилноста во регионот во пресрет на решавањето на косовскиот статус?

Јас мислам дека војните на Балканот се завршени! Сите политички и дипломатски средства се во функција и сметам дека со овие средства можат да се решат проблемите. Сигурно дека до крајот на оваа година ќе има решение за финалниот статус на Косово, но сигурно дека треба да се дискутира и за другите проблеми. Мислам дека регионот на поранешна Југославија всушност ја плати највисоката цена од сите земји што беа во транзиција, од Советскиот сојуз, до земјите што се околу нас. И доколку постои потреба за дијалог, сигурно дека најголема потреба за него имаат токму народите што беа вклучени во поранешна Југославија. Мислам дека овој дијалог е на вистински пат, но сите помалку треба да се ослободиме од предрасудите кои што ги имаме создадено едни за други, а посебно србите треба да работат најмногу во овој правец, бидејќи тоа на сите ќе ни овозможи да изградиме иднина што ќе биде посигурна за генерациите што доаѓаат.

Моето последно прашање. Како ја гледате иднината на Македонија?

Уште пред да се создаде ДУИ пред пет години, не погрешив кога реков дека Македонија има многу добра, светла иднина. Јас мислам дека Македонија ќе стане Швајцарија на Балканот. Но за да се постигне тоа, треба да се искористат сите политички средства, сите дејствија да бидат во потребниот позитивен правец од страна на луѓето кои што ја носат одговорноста во оваа земја. Ние ќе бидеме ангажирани за што побрзо да ги материјализираме овие наши определби. Во изминатите четири години докажавме дека сме навистина сериозни и определени за развој на земјата и мислам дека и последниве проблеми со кои што се соочуваме ќе се одразат позитивно и на актерите кои што ја создадоа оваа „лоша драма“ за и тие да научат што побрзо од сопствените грешки за да можеме да ги спроведеме добрите цели кои ги очекуваат сите граѓани на Македонија.
XS
SM
MD
LG