Достапни линкови

Трајко Славевски, министер за финансии. Имаме аргументи за воведување рамен данок од 12 насто догодина


Се остварија ли сомневањата на некои медиуми дека државната каса е празна? Каква е состојбата?

Ние не го користиме терминот празна државна каса, затоа што таа и се полни и се празни речиси секој ден, со различен интензитет. Во моментов располагаме со задоволително ниво средства во буџетот, со коишто државата може да одговори на обврските на буџетските корисници. Има извесни проблеми, затоа што одредени буџетски корисници се наоѓаат во незавидна положба, затоа што нивните сметки, по одредени ставки се празни, заради извршување решенија за присилна наплата, за што ние веднаш алармиравме. Имено, во текот на 2006 година, до 24 август, извршени се 974 решенија за присилна наплата. Станува збор за спорови од приватни субјекти покренати против државата или буџетски институции од различни причини, коишто со години, заради неефикасноста на судството биле заглавени во судовите. Сега имаме наплив на извршни решенија, со коишто веднаш се симнуваат средствата од буџетските сметки и очекуваме такви решенија и во иднина. Некои од решенијата се со сомнителен судски квалитет.

Алармантна ли е состојбата со државната сметка или не може тоа така да се дефинира?

Јас не би го искористил терминот алармантна. Ние сме многу претпазливи, затоа што сме соочени со неадекватно користење на средствата и загуба на средства. Имено, кога ќе видите дека за остварување на одредена одлука, како на пример, за намалување на даноците за земјоделски материјали и механизација, и средствата потребни, споредени со некои вакви загуби, коишто се кумулирани во текот на повеќе години, ќе видите дека во минатото не се водело сметка за адекватен финансиски менаџмент со средствата на буџетските обврзници. Ние ќе настојуваме тој финансиски менаџмент максимално да го подобриме.

Уште на првата седница го намаливте данокот за опрема и репроматеријали во земјоделието од 18 на 5 насто. Колку оваа мерка е оправдана, спроти тврдењата за празна државна каса?

Зборуваме за динамички категории и треба да бидеме претпазливи. Станува збор за мерка што стапува во сила од 1 октомври, од примената како што е предвидена, до крајот на годината и во иднина. Ние направивме пресметки, дека со домаќинско трошење на средствата за намените што се определени, имаме можност да ја надоместиме релативно малата загуба на средства во буџетот коишто ќе имаат од друга страна многу позитивен ефект. Ги слушнавме првите реакции на земјоделците, значи нема никаква опасност ова да не влезе и во таргетите предвидени со аранжманите со меѓународните финансиски институции.

Каков ќе биде вашиот став кон одредени групи граѓани кои бараат финансиска помош? На пример, стечајците, законот помина во парламентот, но беше поништен, со образложение дека е во спротивност со аранжманите со ММФ?

Република Македонија има систем за социјално осигурување и заштита којшто функционира. Сите граѓани кои ги задоволуваат критериумите предвидени со тој систем коишто се транспарентни и законски регулирани ќе може да ја остварат помошта, којашто е се надевам привремена за граѓаните способни за работа. Ние не сакаме да ги нарушуваме тие системи, затоа што тоа би значело влегување во хаотична состојба, конкретно за оваа ситуација. Сепак има состојби каде што државата треба да биде поактивна. Во смисла, на помагање на лицата со 25 годишен стаж, кои сметаат дека имаат помали шанси за вработување. Државата ќе ги употреби сите механизми да им помогне повторно да најдат вработување, затоа што станува збор за лица на работоспособна возраст.

Во однос на аранжманите на Македонија со ММФ и Светската Банка. Во предизборието најавивте дека ќе има измени, кои конкретно?

Има некои точки, за коишто ќе треба да отвориме и ќе отвориме дискусија со претставниците на ММФ, затоа што веќе ќе влеземе и во подготовка на буџетот за 2007 и таргетите што беа зададени за годинава. Јас не очекувам поголеми проблеми, затоа што ние имаме силни аргументи, зошто ќе воведеме рамен данок, за персонален данок од доход и за данок од добивка, од 12 насто, почнувајќи од 1 јануари 2007 година, даночни стапки најниски во Европа. Велам, со домаќинско користење на средствата од даночните обврзници во Република Македонија од страна на корисниците на буџетот ќе ги обезбедиме неопходните заштеди, за да се обезбеди загубата на доходот, што ќе биде само привремен, затоа што со пониски стапки очекуваме драматично зголемување волјата и подготвеноста на даночните обврзници да ги подмируваат обврските спрема државата. Истото се однесува и по прашањето на дополнителни повластици што сакаме да ги обезбедиме за привлекување на странски инвестиции, можеби не се стандардни и применливи во земји со повисоко ниво на развиеност, но за земји како што е Република Македонија, секој ќе разбере дека ние со најниско ниво на директни странски инвестиции во Европа мора да направиме нешто повеќе да ги привлечеме странските инвеститори. Третата точка од нашата програма, за којашто претпоставувам дека ќе има потреба од дискусии со ММФ, се однесува на потребата буџетот да има што повеќе развојна компонента, односно капиталните трошоци да го зголемат уделот, што на краток рок можеби би предизвикало благо зголемување на буџетскиот дефицит, којшто секако ќе има од каде да се финансира.

Вашиот претходник Поповски ја објави аферата за даночната пирамида, но на крајот впечатокот беше дека не е постигнат голем ефект. Ќе продолжите ли вие со борбата против овој вид криминал?

Институциите треба да функционираат систематски, а не кампањски. Таквиот пристап ние го имаме и ќе го имаме уште од првиот ден на владата, и на сите институции коишто спаѓа одредена проблематика, овде е УЈП. Значи, строго почитување на законите. Оние кои се огрешиле, треба да сносат последици, затоа што секоја акција си има свои последици. Според мои информации за одредени случаи се покренати постапки за тоа што е оштетена државната каса, и ние ќе настојуваме тие што побрзо да завршат. Нема потреба од кампањи.

Поранешната влада имаше неколку неуспешни обиди за донесување странски банки кај нас, ќе им овозможите ли вие влегување на познатите странски брендови?

Сите анализи покажуваат дека банкарскиот систем во Македонија е релативно слаб, конкуренцијата е ниска. Има повеќе мали банки, свртени кон клиенти, нивни основачи, каде што се јавуваат проблеми со конфликт на интереси и слично. Нивото на конкуренција меѓу поголемите банки, е многу ниско. Мислам дека проблемот лежи во потребата од натамошна либерализација на влезот на странски банки. На пример, ние имаме една одредба, дека не може да се основаат во Република Македонија филијали на странски банки до 1 јануари 2008 година. Мислам дека треба да почнеме веднаш со преиспитување на оправданоста од ваквата одредба. Понатаму, проблемот би се надминал со зајакнување на функцијата со супервизијата од НБМ, но корпоративното управување е слабо во банките. Има проблеми со банките, каде што клиентите имаат голема улога во Управните одбори и во нивната деловна политика за кредитирање, а тоа се клиенти коишто се со проблеми во сопственото корпоративно управување, некокаш соочени со проблеми во сопствената сопственичка структура. Наместо да се свртат кон пазарот на капитал за долгорочно финансирање или да привлечат партнери, било домашни или странски со коишто би ја формирале таа нова сопственичка структура, тие како најлесен начин наоѓаат форми за притисок врз банките, што го оптоварува бакнарскиот сектор и банките.
XS
SM
MD
LG