Достапни линкови

Може ли властите во Србија да направат нешто повеќе за заштита на Србите на Косово?


Се позачестените сигнали што доаѓаат од меѓународната заедница дека Косово ќе добие некаков вид условна независност го отвораат прашањето за опстанок на српското население таму. Дали власта во Србија би можела да стори нешто повеќе за нивна заштита во рамките на косовските институции, а со цел да не се повтори хрватското сценарио, односно масовното иселување на србите?

Политиката, однесувањето и судбината на србите кои живееле во Хрватска се уште не се земаат предвид во Србија во правењето стратегија за Косово. Секако, Косово се уште е формално во составот на Србија, но неприфаќењето на планот Зе четири, кој наместо државност нудеше широка автономија за србите во Хрватска, многу потсетува на одбивањето на косовските срби да размислуваат да останат на Косово како малцински народ. Еден од поранешните политички челници на србите во Краина Рајко Лежајиќ предупредува на опасноста дека косовските срби доживуваат егзодус како оној на србите од Краина:

„Не само што ќе се случи, туку тоа им се случило. Според официјалната статистика, од Косово се протерани над двесте илјади Срби.“

Од почетокот на судирите на просторот на поранешна Југославија, косовските срби, според некои аналитичари, им беа предмет на најразлични манипулации на властите во Белград:

„Тешко е да се каже дали власта си подигрува, но голем број луѓе во власта тоа и го прават. Суштината не е во тоа да го признаеш суверено Косово. Ако светските моќници им даваат сувереност тогаш треба да прогласиме окупација и да почнеме борба за ослободување на окупираните територии.“

Вели еден од некогашните косовски лидери Мирослав Шолевиќ. Во согласност со фактот што во Србија упорно се негирасекоја можност Косово да биде независно, политичките челници отфрлаат секаква можност за споредба на косовските со србите од Краина.

„Секој вид паралела меѓу Хрватска и Косово и Метохија е апсолутно неможна и во овој момент целосно злонамерна.“

Наведува претседателот на Одборот за Косово во српското собрание Душан Пророковиќ. За разлика од него, експертот за меѓународни односи Милан Пајевиќ пак го мисли обратното:

„Некакви паралели секако постојат иако генерално ситуацијата е различна. Не само заради бројот на луѓето, туку и поради политичките услови и целокупната меѓународна ситуација. Она што е за жалење е тоа што отсуствува способноста на српското раководтсво да се соочи со реалноста.“

Наведува Пајевиќ, додавајќи дека српските власти наместо да го трошат времето на исполитизирани и идеолошки прашања треба повеќе да се занимаваат со положбата на оние срби кои живаат на Косово.
XS
SM
MD
LG