Достапни линкови

Сите опции се на маса за радикално демократски активности


Демократската унија за интеграција и Партијата за демократски просперитет се уште размислуваат за идните активности кои ќе ги превземат. Од раководството на оваа коалиција велат дека сите опции се на маса, а формата преку која ќе манифестираат отпор поради невлегувањето во новата Влада, ќе ја определат до крајот на неделава за кога е закажан состанок на централното председателство на ДУИ.

„Треба да се донесе одлука, како ќе делува пратеничката група. Дали ќе ги врати мандатите, дали ќе биде во Собранието а нема да учествува во работата, дали ќе биде во собранието, а ќе учествува? Сеуште нема дефинитивна одлука,“

изјави потпредседателот на ДУИ, Рафиз Алити

Од ПДП велат дека со сите средства ке се борат да го одбранат достоинството на гласачите кои на парламентарните избори на 5 јули, и ја дале довербата на коалицијата ДУИ - ПДП.

„Сите форми ќе бидат радикално демократски. Не седиме со скрстени раце и во контакт сме во граѓаните. Сакаме еднаш засекогаш да кажеме дека не може да се поигрува некој со граѓаните Албанци, со демократијата и резултатите,“

изјави председателот на ПДП, Абдулади Вејсели

Тој вели дека една од можните опции е и продолжување на протестите во северозападните делови од земјата и Скопје, како и враќањето на мандатите кои ДУИ и ПДП ги освоија на изборите.

За експертите враќањето на мандатите во Собранието нема да ја наруши работата на законодавниот дом, но ќе предизвика нервоза и нестабилност на политичкиот систем во земјава.

„Не гледам здрав политички резон, зошто ДУИ би го напуштил Собранието? На самиот почеток, ќе излезе дека ДУИ е партија за да биде во власта, без разлика на македонскиот партнер, тоа е лошо.“

објаснува проф. Саво Климовски

Иако коалицијата ДУИ/ПДП го освои мнозинство гласови кај албанскиот електорат, обидите на оваа коалиција да влезе во составот на новата Влада завршија без успех. Револтот од ваквата одлука, ДУИ/ПДП го изразија преку секојдневни протести кои траеја повеќе од две недели.
XS
SM
MD
LG