Достапни линкови

Понискиот данок делумно ги решава проблемите, потребни се субвенции од државата


Намалувањето на данокот на земјоделските репроматеријали од 18 на 5 отсто, само делумно ќе ги реши нашите проблеми, ја коментираат земјоделците последната одлука на Владата. Да се намали цената на горивото, да се зголемат откупните цени на производите, но најважно од се неопходни се субвенции од државата за подобрување на состојбите во земјоделството, објаснува Стече Атанасовски, земјоделец од селото Гермо.

„Сега останува горивото, ние имаме скапо гориво. Нас ни треба зелена нафта. Тракторите плаќаат иста нафта, како автомобилите, тоа нема никаде во Европа. Без субвенции од државата не може да се работи во земјоделието.“

И Митац Исмаиловски од Битолското село Будаково, целиот свој живот го посветил на земјоделството. Одгледува житни култури и негова најголема мака се ниските откупни цени на овие култури. Исмаиловски раскажува дека последните неколку години за него и неговото семејство биле најтешки.

„Годинава имам 350 тона и со седум денари не знам каде ќе стигнеме. Имам слушнато дека ќе имам премија два денари, но ако продолжи вака ќе бидам принуден да ја откажам земјата.“

За стручната јавност,намалувањето на цената на репроматеријалите е добар знак, но според експертот Бобан Илиќ, приоритет на Владата во оваа област треба да биде донесување на закон за земјоделство и руралниот развој.

„Со самото донесување на законот за земјоделство и рурален развој ќе се заокружи правната рамка. Ќе треба да се донесат околу 150 правилници и прописи. Треба да се реши проблемот долгорочно со воведување регистрација итн.“

вели Илиќ

Тој додава дека усогласувањето на законите во областа на земјоделството со европското законодавство е особено важно, исто колку и спроведувањето на тие закони во праксата.
XS
SM
MD
LG