Достапни линкови

Српските и албанските политичари во Приштина ја отфрлаат идејата


Албанските и српските политичари во Приштина го оценуваат како неприфатлив предлогот на претседателот на Координативниот Центар за Косово Санда Рашковиќ-Ивиќ за поделба на територијата на Косово доколку не се пронајде друго долгорочно решение за косовскиот статус. И ставот на Контакт Групата е дека поделба на Косово – нема да има.

Поделбата како решение за косовскиот статус не е прифатлива опција, оценуваат политичките претставници на Косово кои со тоа, го отфрлаат ставот на претседателот на Координативниот центар на владата на Србија за Косово, Санда Рашковиќ Ивиќ која неодамна изјави дека Србија би била подготвена на поделба на Косово доколку не се пронајде некое друго долгорочно решение. Портпаролот на Алијансата за иднината на Косово Ернест Љума вели дека вољата на народот е јасна:

„За сиот политички спектар во Косово, па така и за Алијанста за иднина не е прифатлива можноста за поделба. Tаквата идеа е и против принципот на Контакт групата која на самиот почеток на преговорите ја отфрли поделбата и враќање на состојбата од пред 1999-та година.“

вели Љума кој повторува дека за Косово единствено е прифатлива независност со гаранција за правата на малцинските заедници.
И српските претставници со став дека поделбата на Косово е неприфатлива. Ранѓел Нојкиќ шеф на Српската листа за Косово и Метохија вели:

„Поделбата како можност за решавање на проблемите на Косово е присутна веќе подолго време и таа пред се, се пласира за северниот дел на Косово и тоа од една политичка партија а тоа е ДСС. Мислиме дека тоа е апсолутно неприфатливо. Доколку таа опција се поставува како можност за решавање на проблемите, тогаш мора да биде спроведен референдум на целата територијата на Косово, во кој сите срби би се изјасниле, а јас сум сигурен дека поголемиот број од србите би биле против такво решение.“

потенцира Нојкиќ. Повторувајќи го ставот дека нема да има поделба на Косово, од Контакт Групата порачуваат дека по утврдувањето на косовскиот статус ќе биде воспоставена меѓународна структура која ќе ја надгледува примената на статусното решение на целата територија, па така и на северот од Косово. Во изјавата на претставниците на Контакт Групата се истакнува дека косовскиот статус треба да се реши на начин кој ќе ги осигура правата и безбедноста на сите граѓани во Покраината.
XS
SM
MD
LG