Достапни линкови

Криминолозите сметаат дека Македонија ги има исполнето сите услови за зголемување на криминалитетот


Вчерашното убиство во кое со оружје беше пукано врз автомобил во населбата Влае ги загрозува сите граѓани, тоа повторно на дневен ред го постави прашањето, дали оружјето во Македонија се прифати како модел на однесување. Криминологот Виолета Чачева смета дека невратените долгови, изнудување пари, заеми и разни други деловни односи носат ризик поради кој оружјето станува се поприсутно во Македонија:

„Во услови кога поголем дел од населението во Македонија се соочува со финансиски проблеми редовно доаѓа до зголемување на криминалитетот посебно на насилничкиот и имотниот криминалитет. Овој услов кај нас е секако иполнет поради фактот дека 30% од населението спаѓа во категоријата на сиромашни граѓани.“

За мотивите за вчерашното убиство, Борче Пешевски од МВР кусо објаснува:

„Во врска со вчерашното убиство од страна на МВР во тек се преземени мерки и активности со цел откривање на сторителите а воедно и за утврдување на мотивот за убиството.“

Врз вчерашното убиство фрла светлина податокот дека против едно од лицата што вчера беше убиено МВР имало поднесено кривична пријава за убиство што тој го извршил во април на улицата Џон Кенеди во Скопје.

„Имаме 60-тина или 40 убиства каде што факторите се различни, меѓутоа во суштина ова ги загрозува сите. Вие се чувствувате сигурни кога излегувате? Воопшто чувството на безбедност ни е многу, многу намалено. Ние на улици се чувствуваме крајно несигурни.,,

Вели Чачева.
Од друга страна МВР тврди дека криминалот во последните шест месеци од годината во споредба со минатата година е намален за 15 проценти. Додека криминолозите сметаат дека ризикот од присуството на нелегално оружје во Македонија останува како закана врз безбедноста:

„Дополнителен фактор што влијае врз криминалитетот особено агресивниот криминалитет е присуството на оружјето во рацете на граѓаните, и овој услов кај нас е исполнет, имено сосема е јасно дека после 2001-та година остана многу оружје во рацете на граѓаните.,,

Смета Чачева.
XS
SM
MD
LG