Достапни линкови

Примирје меѓу Израел и либански Хезболах


Изутрината во седум часот стапи во сила примирјето меѓу Израел и либански Хезболах. Неколку минути претходно, израелските сили бомбардираа цели на југоистокот на Либан. Примирјето кое, според последните информации, го почитуваат и Израел и Хезболах, е првиот чекор од меѓународниот процес за запирање на триесет и четири дневната војна. Следува распоредување на петнаесет илјади мировници на Обединетите Нации. И двете страни веднаш се прогласија за победници во војната.

Оружјето замолкна во Либан веднаш откако стапи во сила примирјето на Обединетите Нации што го прифатија двете завојувани страни. Само до петнаесет минути пред прекинот на огнот израелските воздушни сили бомрадира неколку места во Либан при што имало десетина убиени.

Агенциите јавуваат дека дел од израелските сили веќе почнале да се повлекуваат од јужен Либан. Таму во текот на операцијата за неутрализирање на Хезболах влегоа околу триесет илјади израелски војници.

„Влегуваме во фаза на примирје. Борбите завршија. Се надеваме дека примирјето ќе се почитува. Сепак, треба да бидеме подготвени, бидејќи Хезболах би можело да го прекрши и ние мораме да им помогнеме на нашите војници во Либан.“

изјави еден висок армиски претставник за израелското радио. Израелскиот кабинет вчера ја одобри резолуцијата на Советот за безбедност за прекин на борбите и за испраќање мировни сили. Тоа го прифатија и Либан и Хезболах. Но, и Израел и Хезболах најавуваат дека ќе одговорат на какво било кршење на примирјето.

„Ние ќе сториме се за да успее овој процес. Нашите обврски ќе ги почитуваме, но доколку Хезболах нападне ние секако ќе одговориме.“

Рече претставникот на израелското министерство за надворешни работи Марк Регев. Либанската влада соопшти дека досега неколку земји се согласиле да учествуваат со свои војници во мировната мисија. Меѓу нив се спомнуваат Мароко, Индонезија, Турција, Шпанија, Италија, Малезија.

„Се надеваме дека меѓународната заедница ќе дојде со помош и главно со донации за Либан. Како што знаете, некои земји, Саудиска Арабија и Кувајт, веќе ни помагаат. Очекуваме тоа да го сторат и другите. За војната во Либан е одговорна меѓународната заедница. Таа и ја има обврската во обновата на земјата.“

Изјави либанскиот министер за финансии Јихад Азур. Инаку, во над едномесечниот конфликт, според извештаите, загинаа над илјада и сто либанци и сто пеесет и четири израелци. Израелската војска соопшти дека во текот на офанзивата убила најмалку петстотини и триесет припадници на Хезболах. Тоа веднаш беше демантирано од оваа шиитска организација.
XS
SM
MD
LG