Достапни линкови

Економијата и борбата против корупцијата во фокусот на новата влада


Идната Влада ќе се фокусира на економската сфера и на борбата против корупцијата, изјави вечерва кандидатот за премиер на новата македонска Влада Никола Груевски. Според Груевски, Владата ќе се фокусира на економската сфера, односно на нејзино закрепнување, „на што ќе биде потрошено многу труд и залагања“. Тој додаде дека „тоа нема да биде лесно ни брзо“. Како втор приоритет Груевски ја најави борбата против корупцијата и организираниот криминал.

Мандаторот ова го изјави по состанокот на Централниот комитет на ВМРО ДПМНЕ, кој исто како претходно и Извршниот комитет (ИК), ја прифатија предлог Владата на Груевски. Министер за финансии е Трајко Славевски од ВМРО ДПМНЕ, министер за внатрешни е Гордана Јанкуловска – ВМРО ДПМНЕ, а министер за надворешни работи е Антонио Милошовски, од истата партија. ВМРО ДПМНЕ ќе го раководи и Секторот за евроинтеграции преку Габриела Коневска, која е номинирана за вицепремиер, како и ресорот правда, каде за министер е предложен Михајло Маневски.

Владеачката партија уште ќе раководи и со ресорот за транспорт и врски, за каде е номиниран Миле Јанакиевски, како и со ресорот за локална самоуправа, каде министер треба да биде Зоран Коњановски. Министер за одбрана треба да биде Лазар Еленовски, предлог на НСДП на Тито Петковски. Оваа партија ќе раководи и со ресорот економија, за кој е номинирана Вера Рафајловска. НСДП има уште едно место потпретседател на Владата задолжен за ресорите земјоделие и образование, Живко Јанкуловски.

Другите потпретседатели на идната влада се Зоран Ставревски, задолжен за економија, предлог на ВМРО ДПМНЕ, како и Имер Селмани од ДПА задолжен за спроведување на рамковниот договор. ДПА ги доби и ресорите за здравство – Имер Селмани, за образование Сулејман Рушити, за култура Илиријан Бекири и за екологија – Имер Алиу. Министер за земјоделие во новата влада треба да биде Ацо Спасеновски од Социјалистичката партија на Љубисав Иванов, а за Труд и социјала, за министер е номиниран Љупчо Мешков од Либералната партија на Стојан Андов. Новата влада ќе има и две министерски места без ресор и двете задолжени за странски инвестиции. За овие функции се предложени странски државјани со потекло од Македонија – Глигор Ташковиќ и Веле Самак.
XS
SM
MD
LG