Достапни линкови

Во ОН сеуште се подготвува резолуцијата за прекин на огнот


Во денешните жестоки борби меѓу израелската војска и милитанти на Хезболах во јужен Либан имало жртви, потврдија претставници на двете страни без да го прецизираат нивниот број. Претходно, Израел изврши воздушен напад врз едно предградие на Либан при што, според либанските власти, загинале дваесетина лица. Конфликтот во Либан беснее веќе четири недели, а во Обединетите Нации се уште се подготвува резолуција за прекин на огнот. За предложената од Франција и Соединетите Држави би требало да се расправа денеска.

Американскиот претседател Џорџ Буш и државниот секретар Кондолиза Рајс изразуваат надеж дека Советот за безбедност ќе дејствува брзо. Но, Рајс и со забелешката дека Вашингтон сака да слушне дали и кои се забелешките за предложената резолуција. А нив веќе ги има многу, посебно од арапскиот свет. Американскиот амбасадор во Обединетите Нации Џон Болтон веднаш го поздрави тоа:

„Очигледно ние сакаме да ги слушнеме мислењата на сите. И ако мислат дека тие се важни ние ќе ги слушнеме и внимателно ќе ги разгледаме.“

Француско-американската резолуција повикува на примирје меѓу Израел и Хезболах и силите на Обединетите Нации кои се веќе во регионот да ја надгледуваат израелско либанската граница. Потоа би следела втора резолуција со барање израелските сили да го напуштат Либан и таму да бидат разместени мировни сили на Обединетите Нации со задача да го разоружаат Хезболах. Сега во јужен Либан има околу десет илјади израелски војници. Спротивно на тоа, Либан сака итно повлекување на овие војници преку таканаречената сина линија и испраќање петнаесет илјади свои сили кои би ги замениле сегашните две илјади мировници. Израелскиот премиер Ехуд Олмер денеска ваквата понуда на Либан ја оцени како интересна, но само доколку тие војници го разоружаат Хезболах. Амбасадорот на Арапската лига во Обединетите Нации Јахија Махмасани пак, е против натамошното останување на израелските сили во Либан.

„Ова е израелска окупција. За да го решиме прашањето, израелците мора да се повлечат зад сината линија.“

Франција веднаш потоа наведе дека би сакала да има некои измени во резолуцијата што ја предложи со Соединетите Држави. Од друга страна, американскиот претседател Џорџ Буш се спротивсатави на тоа и побара итно усвојување на предлог резолуцијата без прифаќање на либанскиот предлог во документот да се вклучи и повлекување на израелските сили од Либан. Буш ги обвини Сирија и Иран дека сеат хаос низ Блискиот Исток. Запрашан зошто не разговора со Дамаск и со Техеран со цел да го прекинат тоа Буш вели:

„Тие ги знаат нашите позиции. Проблемот е во нивниот одговор кој не е многу позитивен. Напротив, одговорот е негативен.“

Изјави американскиот претседател Џорџ Буш на вчерашната прес конференција која заедно со државниот секретар Кондолиза Рајс ја одржа на неговиот ранч во Крафорд, Тексас.
XS
SM
MD
LG