Достапни линкови

Блокадите на патиштата се ,,прва мерка,, но ќе се одлучува и за поинакви чекори, велат од ДУИ


Со паролите ,,Да го заштитиме нашиот глас, Не газете врз нашиот глас и Гласот е демократија,, членови и симпатизери на ДУИ и ПДП денеска протестираа на крстосницата пред Судска палата во Скопје и на магистралните патишта во Западна Македонија. Протестот се одржа по минатонеделната одлука на ДУИ во знак на револт, бидејќи партијата не доби покана за учество во новата влада на мандатарот Никола Груевски и покрај тоа што освои најмногу пратенички мандати меѓу партиите од албанскиот блок.

„Доколку има малку разум кај мандатарот Груевски и доколку сака Македонија да продолжи со евроинтегративните процеси ДУИ како партија која ја доби довербата кај гласачите Албанци треба да биде вклучена во новата влада,,

изјави Бекир Неџири, претседател на Штабот при огранокот на ДУИ во општина Чаир задолжен за организација на протестите.
Градоначалникот на општина Чаир Изет Меџити, кој учествуваше на протестот во Скопје подвлече дека Владата во која нема да има претставници од ДУИ нема да има легитимитет кај Албанците:

„Ова е прва мерка на ДУИ во обид да направи притисок врз мандатарот Груевски партијата да биде дел од идната влада. Се надеваме дека протестите ќе вродат со плод, но доколку нема ефект, за евентуални идни чекори ќе одлучува раководоството на ДУИ,,.

изјави Меџити.
Протести во траење од половина час во периодот меѓу 9:30 и 10:00 часот, покрај на раскрсницата пред Судска палата се одржаа и пред Владата на Република Македонија и на излезот на Скопје, кај Сарај.
Получасовни протести во истото време симпатизери и членови на ДУИ и ПДП придружувани од градоначалниците на овие две партии, одржаа и на магистралниот пат Охрид-Струга-Дебар со блокада на крстосницата кај Струга и кон албанската граница, на влезот од Куманово, на автопатот Тетово - Скопје на излезот од Тетово и на патниот правец Гостивар-Кичево во непосредна близина на Здуњски мост кои што предизвикаа повеќе километарски колони од автомобили од двете страни на блокадите. Организаторите најавија, дека и наредниве денови ќе го блокираат сообраќајот на истите места.
Демократската партија на Албанците синоќа во соопштение до јавноста оцени дека најавите на ДУИ за протести поради нивното невклучување во владата не е ништо ново и неочекувано, затоа што нешто што почнува со нерегуларности и насилство продолжува со исти методи додека не се соочии со реалноста. Според ДПА најавените протести се демокрастко право на ДУИ, иако додаваат, тие нема да донесат ништо ново освен манифестација на гнев поради загуба на власта и на материјалните добра што таа им ги донесе на одредена група луѓе, се наведува во соопштението на партијата.
XS
SM
MD
LG