Достапни линкови

Денеска нема да биде избран нов претседател на собранието


120 пратеници кои влегоа во составот на новиот Парламент, денеска и официјално добија пратенички мандат. Со 115 гласови за, Собранието го усвои извештајот предлог и извештајот на Верификационата комисија, која претходно ги потврди сите пратенички мандати.По најавите од ВМРО-ДПМНЕ дека на денешната седница нема да биде избран нов претседател на Собранието, Социјалдемократскиот сојуз побара пауза од еден час:

„Социјадемократскиот сојуз денеска изразува загриженост за можниот институционален вакуум во кој би се нашле,“

изјави Јани Макрадули од СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ очекуваат во текот на утрешниот ден новиот мандатар да го прими мандатот од претседателот Бранко Црвенковски и притоа ја негираат можноста од создавање на институционална криза, доколку денеска не се избере претседател на Собранието:

„Не, мислам дека СДСМ можеби посакува институционална криза, но нема да има“,

изјави Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Иако во јавноста за нов претседател на парламентот се споменуваше името на Тито Петковски, лидерот на НСДП категорично ги отфрли таквите гласини:

„Дефинитивно, јас нема да бидам кандидат бидејќи навистина имам премногу обврски. НСДП постои само седум месеци, на овие избори се промовира а треба да се дисперзира на целата територија на Републиката“

Иако од ВМРО-ДПМНЕ најавија дека две третини од ресорите во новата влада веќе се договорени, Милошоски изјави дека е отворен просторот за ородолжување на разговорите со ДУИ:

„Работата останува на статус кво, ние сме отворени за дијалог, се надеваме дека ќе имаме таква можност за дијалогот да продолжи“

И Теута Арифи од ДУИ со став дека вратите за влез во ДУИ во новата влада се уште не се затворени:

„Демократската унија за интеграција која е подготвена за сите работи кои евентуално останале нејасни, недојаснети, неразбрани, да ги разговара секако на маса, без разлика каде би се одвивало тоа“.

Од ДПА без коментар за евентуалното продолжување на преговорите помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

„Мандатарот е тој што треба да го предложи новиот состав, а парламентот да го усвои. Се разбира, не може да шпекулираме“

изјави Имер Селмани од ДПА.

На денешната седница беше избрана и Комисија за прашања на изборите и именувања, но поради тоа што истата не достави предлог за кандидат за избор на претседател на Собранието, седницата е прекината.
XS
SM
MD
LG