Достапни линкови

Продолжуваат преговорите за состав на нова влада


Еден ден пред конституитивната собраниска седница, продолжуваат разговорите меѓу Груевски и претседателите на НСДП, ДОМ и ПЕИ за поделба на министерските места. Додека преговори со ДУИ засега нема бидејќи таа партија не ги повлече изјавите со кои промовираше насилство, вели Антонио Милошоски, портпарол на изборниот штаб:

„Две третини од владините ресорни места се веќе договорени и мислам дека во текот на денешниот и утрешниот ден договорот ќе биде комплетен, иако морам да кажам дека одговорот за продолжување на преговорите сега лежи во рацете на ДУИ. И времето полека се наближува. Со конституирањето на парламентарното мнозинство, веќе контурите на идната извршна власт треба да се знаат, потоа мандатарот го добива мандатот и има 20 дена да го предложи составот на новата влада, така што тоа е времето и уставно, но и политички морално, кое не ограничува, бидејќи сакаме што поскоро да конституираме нова влада“.

Дијалогот е начин да се продолжат активностите за формирање на новата влада, вели Рафиз Алити од ДУИ, откако Брисел во меѓувреме порача дека очекува мирно формирање на владата, како одговор на барањето на таа партија меѓународната заедница да интервенира како медијатор:

„Треба да се почитува волјата на граѓанинот, бидејќи тоа е во интерес на државата и во интерес на граѓаните. Ние не гледаме некоја пречка за продолжување на конструктивните разговори меѓу двете партии. Допрва мандатарот треба да го добие мандатот од претседателот и допрва треба да почнат сериозни преговори меѓу тие кои ќе ја формираат идната влада“

Во меѓувреме, коалицијата на Груевски, која собира парламентарно мнозинство за составување на новата влада, не исклучува дека тројца пратеници на ПДП можат да имаат улога во зајакнување на владиното мнозинство во парламентот.

„Тоа е една од постарите партии, со традиција во Република Македонија и ние не би имале ништо против доколку тие побараат да бидат вклучени во разговорите. Но, сепак зависи и од нивното барање и од нивниот пристап кон тоа“,

вели Антонио Милошоски.

Од конституитивната седница на 26 јули, тече рокот од најмногу 10 денови, во кои претседателот Бранко Црвенковски треба да му го додели мандатот за состав на владата на Груевски. Мандатарот има на располагање 20 денови за да го состави кабинетот и до Собранието да ја достави владината програма.
XS
SM
MD
LG