Достапни линкови

ВМРО-ДПМНЕ денеска ќе ги разгледува шансите за продолжување на преговорите со ДУИ


ВМРО-ДПМНЕ денеска на седница на Извршниот комитет дополнително ќе ги анализира изборните резултати и шансите да продолжат да преговараат со ДУИ за заедничко учество во власта.

„Се разгледува новонастанатата ситуација, односно новиот пратеник после прегласувањето пред некој ден и новонастанатите околности предизвикани со екстремните изјави дадени од страна на високи челници на ДУИ, така што би требало да имаме појасен став околу нашата позиција“

изјави Антонио Милошоски.

Во меѓувреме, по воинствената изјава на Ахмети, Милошоски ја обвини ДУИ дека спроведува калашњиков демократија. Ермира Ахмети, пак, од ДУИ му порача на ВМРО-ДПМНЕ:

„Претседателството на партијата синоќа заседаваше, зазедовме неколку ставови за разговорите. Заклучено е дека тие се водат на крајно нетранспарентен начин. Ваквите ситуации, како новонастанатата околу преговорите, може да се надминат само доколку има политичка волја, подготвеност и конструктивен пристап кон решавање на проблемите. Секако и со меѓународна помош“.

Додека партиите анализираат дали ќе се влезе во нов круг разговори меѓу двете партии, од друга страна се прецизираат деталите околу одржувањето на конституитивната седница на Собранието, што треба да се одржи 21 ден по одржувањето на изборите на 5. јули.

„Конституитивната седница може да се одржи ако се избрани и ако на оваа седница присуствуваат 61 пратеник. Значи, мнозинството од вкупниот број пратеници. Ама, може да се конституира ако на седницата се верифицирани мандатите на две третини од вкупниот број пратеници. Значи, затоа веројатно мандатарот преговара претходно, за да обезбеди претходно 61 а не во оној период кога ќе му даде мандат, за да може да се одржи конституитивната седница“

вели Гордана Силјановска, професор на Правниот факултет.

Откако Собранието ќе се конституира, претседателот Црвенковски најдоцна за десет дена на мандатарот треба да му го даде мандатот за формирање на новата влада. Оттогаш тече рокот од 20 дена за мандатарот да му предложи на Собранието состав на владата и програма за работа. Потоа Собранието ја закажува седницата на која се избира новата влада. Изборот се врши најмалку со 61 пратеник.
XS
SM
MD
LG