Достапни линкови

Прегласувањето го одбележаа неправилности


По вчерашното прегласување на 29-те избирачки места од вкупно запишани 29.041 избирачи, на ниво на државата одѕивот е 55,98 проценти, соопшти портпаролот Зоран Таневски:

„Одѕивот бил 55,98 отсто или важечки ливчиња има 937.018. ВМРО-НП – 57.128 гласа, Коалицијата ДУИ-ПДП 113. 424 гласови, НСДП 57.043 гласови, ДОМ 17.591, ДПА 70.019 гласови, ПЕИ 11.458 гласови, Коалицијата ВМРО-ДПМНЕ 304.128 гласови, Коалицијата За Македонија заедно 218.008 гласови“

Според резултатите од партиските штабови ВМРО-ДПМНЕ во шестата изборна единица доби еден пратеник повеќе на сметка на ДУИ. Овој исход го потврди и ДУИ. Претходно, сите партии што се вклучени во преговорите за идната влада сметаа дека ќе добијат плус пратеници. ДУИ сметаше дека ако нема промени во мандатите, прегласувањето би било безполезно. ДПА очекуваше два пратенички мандати повеќе.

Прегласувањето го одбележаа и неправилности. Во Грчец беше прекинато неколку часа по отворањето на гласачкото место во локалното училиште. ОД ДИК велат дека гласањето било прекинато поради тензии.

„Дали ќе има прегласување ќе зависи од тоа дали бројот на запишани избирачи – ги има 744 – ќе влијае врз вкупните резултати“

вели Таневски.

Според локалните жители, пак, гласањето во Грчец било прекинато поради закани од вооружени лица од Кондово. Славица Биљарска, од граѓанската асоцијација МОСТ претходно соопшти дека на прегласувањето биле регистрирани неправилности на девет избирачки места:

„Пријавите на бесплатната телефонска линија најмногу се однесуваат на организиран превоз на гласачи во Зајас и Греѓница, општина Зајас“.

Инаку, според изборните резултати од 5 јули, Коалицијата За подобра Македонија освои 44 мандати, За Македонија заедно 32, Коалицијата ДУИ-ПДП 18 пратеници, ДПА 11, ВМРО-НП 6, НСДП 7 и ДОМ и ПЕИ по 1 мандат.
XS
SM
MD
LG