Достапни линкови

Најмалку 27 загинати, офанзивата против Хезболах продолжува


Најмалку 27 лица загинале во денешните израелски воздушни напади врз Либан. Израел соопшти дека офанзивата против герилците на Хезболах ќе продолжи. Поради судирите, кои влегоа во втората недела, околу 100 илјади либанци ги напуштија своите домови, а продолжува и масовната евакуација на странските државјани од Либан.

Во денешниот израелски напад врз селото Срифа во јужен Либан, загинале најмалку 10 лица, а повеќе куќи биле уништени. Како што јави Ројтерс, уште 17 луѓе настрадале во другите воздушни напади во јужен и источен Либан. Израелскиот премиер Ехуд Олмерт во Хаифа изјави дека офанзивата против герилците на Хезболах ќе продолжи.

„Нема временско ограничување. Ќе продолжам, заедно со моите колеги и министерот за одбрана, да им давам инструкции на безбедносните служби, воздушните сили и војниците, да ги напаѓаат позициите на Хезболах, се додека ситуацијата не се смени.“

Израелската војска соопшти и дека нејзини копнени единици вршат ограничени напади во јужен Либан. Американскиот претседател Џорџ Буш ги обвини Иран и Сирија дека го помагаат и го инспирираат Хезболах да дејствува против Израел и оти Сирија настојува повторно да се инсталира во Либан.

„Некогаш, трагичните ситуации помагаат некои работи да станат јасни во меѓународната заедница. Сега е јасно за сите да видат дека постојат терористички елементи кои сакаат да ги уништат нашите демократски пријатели и сојузници. Светот мора да го спречи тоа.“

Израелско – либанскиот конликт започна кога припадници на Хезболах, пред две недели, киднапираа двајца израелски војници. Во досегашните израелски напади врз Либан, загинале над 230 лица. Хезболах, пак, врши ракетни напади врз израелски градови, во кои досега загинале 13 лица. Во меѓувреме, израелски трупи и тенкови влегле во централниот дел на Појасот Газа, со што продолжува и 3-неделната израелска офанзива врз палестинските територии, која истоа така започна опради киднапирање на израелски војник.
XS
SM
MD
LG