Достапни линкови

Во фокусот разговори за идното проширување на Унијата


Попладне во Брисел почнува дводневен самит на Европската Унија на кој се очекува да се разговара за иднината на Унијата, односно за можностите за нејзино натамошно проширување. Експертите очекуваат на состанокот да биде донесена одлука за одлагање на одлуката за ова прашање. Декларацијата за Западен Балкан како дел од Унијата не е под прашалник.

Една година откако француските и холандските гласачи го отфрлија заедничкиот устав на Европската Унија, евролидерите би требало уште еднаш да потврдат дека не се баш сигурни во врска со натамошното проширување на блокот. На нивниот самит во Брисел тие всушност би требало да го пролонгираат таканаречениот рефлективен период за тоа каде да се движи Унијата. Станува збор за своевидно добивање време по референдумските шокови против евроуставот кои ја турнаа Европската Унија во најголемата криза од нејзиното постоење. Очекуваното одлагање доаѓа во моментот кога полека истекува и времето за иституционалните реформи што Бугарија и Романија треба да ги спроведат ако сакаат да станат членки на Унијата во јануари идната година. Со Уставот кој е ратификуван од петнесет држави и кој сега е ставен во мирување се предвидуваше решавање на ваквите проблеми и олеснување на патот за натамошно проширување на кој веќе чекаат Македонија, Хрватска и Турција. Дванаесет месеци дебати за Уставот по неговото одбивање донесоа, како што вели белгискиот премиер Ги Верхофштад, експлозија идеи, но и поделеност на лидерите за тоа кои од нив да прифатат. Многумина од нив, според агенциите, биле на став договорот за Уставот да го остават за втората половина на две илјади и осмата година кога со Европската Унија ќе претседава Франција. Дотогаш, изборите и развојот на политичката ситуација би можело да донесе промена на власта во Франција и Холандија, но и во Британија и во Шведска. Италија веќе има нов премиер кој е проевропски настроен, велат експертите. Во меѓувреме, Германија која го презема раководењето со Унијата во јануари идната година ќе треба да подготви нови предлози за надминување на ќор сокакот. ,,Германија навистина сака да стори нешто, но нејзиното претседателство изгледа дојде прерано,, оценуваат во Брисел, забележувајќи дека ништо не може да се преземе пред изборите во Франција и Холандија предвидени за мај догодина. Инаку, на самитот во Брисел е предвидено да биде повторена декларацијата од пред два месеца во која се наведува дека иднината на земјите од Западен Балкан е во Унијата. Деновиве поранешниот европски премиер Жак Делор ги обвини европските лидери за тоа што немаат заедничка цел и што успеале да ја доведат Унијата во длабока криза. ,,Визијата за Европа веќе не постои. Не гледам подготвеност за компромис,, вели Жак Делор, еден од движечките погони на проектот ,,Заедничка Европа,,.
XS
SM
MD
LG