Достапни линкови

Македонија и Турција имаат одлични политички односи без отворени прашања


Македонија и Турција имаат одлични политички односи на сите нивоа без отворени прашања, но не и задоволителна економска соработка, констарираа премиерите на двете земји Владо Бучковски и Реџеп Таип Ердоган по денешната средба во Скопје.

„Нашата интенција ќе биде да ја интензивираме економската соработка. Моментно турските инвестиции во Македонија изнесуваат околу 100 милиони долари, што е малку имајќи ги предвид одличните поличките односи,“

рече Бучковски. Според него, за една година може да се реализираат многу повеќе проекти отколку што се спроведените во изминатите 15 години. Бучковски потсети дека Турција е еден од најголемите сојузници на Македонија и уште еднаш се заблагодари за турската поддршка на македонските аспирации за членство во НАТО и ЕУ. Претседателот на македонската Влада нагласи дека Македонија со Турција има потпишано најмногу билатерални договори - 37 и при нивната реализација нема никакви проблеми.

Турција, како што рече Ердоган ќе продолжи да ја поддржува Македонија на патот кон НАТО и ЕУ. Тој посочи дека билатералната трговска размена е 240 милиони долари и оти во иднина двете земји ќе настојуваат да ја зголемат.

Бучковски и Ердоган разговарале и за можностите за заеднички настап на македонски и турски фирми во трети земји, за статусот на турската заедница во Македонија и за отворање турски културен центар во Скопје. На средбата, како што рече Ердоган одговарајќи на новинарско прашање, не станало збор за воведување визи од турска страна за македонските државјани.

Пред заедничката прес-конференција на двајцата премиери, директорите на институтите за стандардизација на Македонија и на Турција потпишаа Спогодба за соработка.
XS
SM
MD
LG