Достапни линкови

Управувањето со Косово станува невозможно поради нерешениот статус


Управувањето со Косово, за мисијата на УНМИК станува неиздржливо, вели во интервју за Радио Слободна Европа, Сорен Јесен Петерсен шеф на цивилната мисија на Обединетите нации на Косово. Петерсен нагласува дека поради сеуште недефинираниот статус, Косово се соочува со многу нерешени прашања, а едно од најважните е економијата. Помирувањето ќе биде тешко, доколку тоа не се гради врз економските можности, вели Петерсен.

Ќе има ли одлучувачко влијание врз иднините политички движења на Косово, извештајот на Советот за безбедост на ОН за остварувањето на стандардите и имено се чувствува ли напредок во нивното реализирање. Цивилниот администратор Сорен Јесен Петерсен одговара:

„Мислам дека до мојот последен извештај, во февруари оваа година, имавме еден период во кој и самиот изразив вознемиреност поради заостанувањето во спроведувањето на стандардите. Меѓутоа по изборот на новото политичко раководство од март годинава, имаме еден сосема поинаков пристап. Имаме охрабрувачки резултати, но сепак тие не се доволни, а за тоа постојат две причини. Прво, Премиерот Агим Чеку е на власт помалку од три месеци и во овој период видовме многу охрабрувачки резултати, но сега е потребно да се види дека таквата определба ќе продолжи. Втората причина е тоа што сеуште не се чувствува континуиран ангажман од страна на србите на Косово во општествените процеси.“

Вели Петерсен кој додава дека е оптимист по прашањето дека 2006-тата, ќе биде година за решавање на статусот на Косово. Одлуката според Контакт групата треба да биде прифатлива за сите, да нема поделба на Косово и враќање на ситуацијата од март 1999-та година.
Бидејќи е јасно каков резултат можеме да очекуваме, сметам дека не добиваме ништо доколку го одлагаме политичкото решение, забележува Петерсен.

„Раководењето со Косово, за цивилната мисија стана речиси неодржливо поради нерешениот статус. Во оваа смисла најзначајна е економијата. Владеењето на редот и законот како и помирувањето ќе биде тешко доколку не се гради врз добри економски можности. Јасно е дека оваа ситуација е одржлива. Исто така е јасно дека разликите меѓу Приштина и Белград и после пет години ќе бидат исто така големи. Од овие причини мислам дека нема причини за одлагање и прашањето за косовоскиот статус треба да биде решено сега и да биде јасно дека ќе има силни гаранции за малцинствата.“

Според Петерсен одлуката која ќе се донесе за статусот на Косово, ќе зависи од ставовите на мнозинството, но додава тој, одговорноста е токму кај мнозинството кое тоа решение треба да го направи прифатливо и за малцинството.
XS
SM
MD
LG