Достапни линкови

За фер и демократски избори важно е спроведувањето на целата кампања, а не само денот на гласањето


Меѓународни експерти за следење на избори веќе се присутни во Македонија и бележат се што се случува. За овие парламентарни избори се очекува дека ќе има вкупно околу 300 посматрачи од странство, кои, како што е најавено, нема да се мешаат во изборниот процес. Меѓународните фактори предупредуваат дека за фер и демократски избори е битна целата кампања, а не само денот на гласањето.

Првите меѓународни експерти за избори, неделава веќе почнаа со работа. Тие ги следат предизборните случувања, меѓу кои, спроведувањето на новиот изборен законик, пријавување и утврдување на кандидатските листи, известувањето на медиумите и го чекаат официјалниот почеток на кампањата на средината на месецов. Наредната недела се очекува да пристигнат 18 долгорочни набљудувачи кои веќе се акредитираа. За рокот на пријавување на набљудувачи и кој се може да се акредитира, информира Зоран Таневски од ДИК:

„Рокот за поднесување барање за акредитација на набљудувачи трае до 24 јуни годинава. Набљудувачи може да бидат сите домашни и странски организации кои ги исполнуваат условите пропишани со законот и тука не постои друго ограничување.“

Досегашните изборни процеси ги следеа набљудувачи од организацијата за демократски институции и човекови права при ОБСе, Советот на Европа, ЕУ итн.

За разлика од претходните парламентарни избори во 2002, кога имаше околу 900 странски набљудувачи, годинава се очекуваат околу 300, од кои 250 се од ОДИХР.

Претставниците на меѓународната заедница велат, набљудувачите се тука само да следат што се случу ва и додаваат дека за фер и демократски избори важно е како ќе се спроведе целата кампања, а не само денот на гласањето:

„Нашата работа е да набљудуваме и известуваме, а не да се мешаме. Со други зборови, ние сме набљудувачи, но не полиција,“

изјави Одри Гловер, шеф на набљудувачката комисија на ОДИХР.
XS
SM
MD
LG