Достапни линкови

Семејството, медиумите и системот на вредности, главни фактори во воспитувањето на младите


По трагичниот настан во зимата 2003 година во кој еден седумнаесет годишник беше убиен од свој врсник во центарот на Скопје власта презема мерки со кои планираше да ја намали агресивностa и насилтвото кај младите. Од тогаш кафулињата работат до 12 часот преку недела, односно до 1 за викенд, а има и официјална забрана за точење на аклохол на малолетници која често не се почитува. Но и покрај овие закони, младите кај нас за решавање на проблемите сеуште преземаат насилни мерки. Последно пред еден месец беше убиството на 19 годишниот кумановец кое го изврши исто така млад човек. Дeка во училиштата често доаѓа и до тепачките меѓу соученици потврдува и еден ученик во 2 година:

„По еднаш неделно, два пати неделно, зависи... има многу често тепачки.“

Љубица Трпевска педагог во основното училиште „Панајот Гиновски“ повикувајќи се на своето долгогодишно искуство вели дека со тек на годините односите меѓу младите стануваат се понасилни. Таа вели дека причините за тепачка меѓу учениците се најразлични:

„Може да биде некоја ситница, да речеме некоја симпатија односно девојка, или да биде љубомора за некој предмет во смисла, зошто ти да имаш, а јас да немам.“

објаснува Трпевска и додава дека најважен фактор кој придонесува за насилството е домашното воспитување:

„Родителот е првата алка која што го насочува детето и зависно од тоа колку детето ќе биде правилно насочено, колку ќе биде одгледано за да се догради во пошироката општествена заедница преку системот на институции тоа мора да ја разреши состојбата која влијае на правилниот развој на самото дете. Но, секое семејство неможе да ги исполни тие услови кои се потребни за вакво одгледување на детето.“

Претседателот на првата Детска амбасада „Меѓаши“ пак, смета дека има повеќе причини поради кои се јавува насилтвото:

„Битно е домашното воспитување, но морам да кажам и на медиумите. Во медиумите многу забележуваме насилни содржини, насилни филмови, агресија која што индиректно или директно се продуцира и кај младите. Мислам дека вредносниот систем ни е малку деликатен и проблематичен и треба да се негуваат одредени вредности кои не се материјални. Вредности кои ги сплотуваат луѓето, кои во една ваква мултикултурна заедница како што е Македонија, ќе ги дефинираме како заеднички и ќе веруваме во нив. Значи не вредности кои ќе ги наметне некоја партија или некоја групација, туку вредности на едноставните луѓе на кои им е потребно заеднички да живеат без потешкотии и проблеми.“

објаснува Драги Змијанац.
XS
SM
MD
LG