Достапни линкови

Политичка пресметка меѓу политичките елити


Случајот Вранишковски долго време се користи за политичка пресметка меѓу политичките елити во Србија и во Македонија, но секако и меѓу верските заедници, на вакво мислење е социологот професор Илија Ацевски, зборувајќи за најактуелното повторно проблематизирање на овој проблем, односно барањето на српската православна црква за помилување на Вранишковски.

„Тоа е случај којшто долго време се користи за една политичка пресметка меѓу политичките елити во Македонија и Србија, па може да се каже и внатре во Македонија. Христијанските православни цркви се помесни цркви, национални цркви и тоа мора да го претпостави секој што сака да го реши случајот. Случајот Вранишковски во Македонија не може да се реши на политички план и секогаш тој случај ќе избива на површина во зависност од политичките прилики. “

Политика во црковните односи и повторно актуелизирање на случајот Вранишковски професор Ацевски, гледа и во најновото одвојување на Црна Гора од државната заедница со Србија, односно обидот на Српската православна црква да се постави како ментор на овие простори. Ацевски вели дека очекува сличниот проблем меѓу МПЦ и СПЦ во иднина да се пренесе и на релација меѓу црквата во Црна Гора и Србија.

„Мислам дека ќе бидат далеку посложени од фактот што и Црногорците имаат проблеми со идентитетот, самата држава ќе го побара и верскиот идентитет.“

Најновото барање на српските владици за аболиција на Вранишковски во МПЦ не го коментираат од причина што, изјавува владиката Тимотеј за тоа прашање одлучува претседателот Црвенковски.

„Синодот не можам да кажам каков став може да заземе, но во краен случај ние не одлучуваме, тоа е претседателот.“

По ова прашање се изјасни и претседателот Бранко Црвенковски. Цитирајќи го Уставот на Македонија тој одговара дека целосна аболција на осудено лице, претседател на држава може да даде само доколку тоа е од државен интерес.
XS
SM
MD
LG