Достапни линкови

ЕУ ги стега условите за земјите кои сакаат да и се придружат


Европската Унија по се изгледа, ги стега условите за земјите кои сакаат да и се придружат. Од друга страна продолжува да се бори за да го одржи во живот полувековниот проект за обединета Европа. Ваква е оценката на новинските агенции по состанокот на шефовите на дипломатијата на Унијата што во изминатиот викенд се одржа во близина на Виена.

На состанокот всушност била потенцирана заштитата на таканаречениот Капацитет за апсорбција, уште еден израз за способноста на Европската Унија да прима нови членки во своите редови. Од австриското претседателство на Унијата дури сметаат дека овој термин широко е прифатен како четврти Копенхагенски критериум. Се мисли на условите поставени пред тринаесет години на самитот на Европската Унија во данскиот главен град за оние земји кои сакаат да му се придружат на евроблокот. Трите клучни копенхагенски критериуми се: политички и економски реформи и прифаќање на сите закони кои важат во Европската Унија. Терминот капацитет за апсорбција постоеше, но тој досега не беше толку потенциран, велат аналитичарите кои додаваат дека тоа се сменило по француска иницијатива. ,,Разбирливо е, пред да прифатиш нови членови, односно пред да изградиш нови катови, да ги зацврстиш темелите,, вели француската министерка за европски прашања Катрин Колона. И покрај француските убедувања дека критериумот не е изговор за одлагање на процесот, сепак некои членки на Унијата мислат дека со капацитетот за апсорбција всушност се запира приемот на нови земји. Како и да е, повеќето во Европската Унија се согласуваат дека е потребно дополнително да се конкретизира концептот за проширување. Затоа е и договорено Европската комисија до крајот на годинава да подготви нов документ во врска со ова прашање. ,,Капацитетот за апсорбција е детерминиран од два големи фактора: трансформацијата на апликантите во квалификувани членки и развојот на инстититуциите на Унијата,, смета еврокомесарот за проширување Оли Рен кој е на мислење дека е потребна реформа на европските институции пред следното проширување планирано за почетокот на идната или година потоа со Романија и Бугарија. И додека некои членки на Унијата велат дека нема да има ново проширување се додека не биде решен проблемот околу европските институции, Димитриј Рупел, министер за надворешни работи на Словенија поранешната југословенска република која беше една од десете земји што пред две години влегоа во Унијата уверува: ,,Не знам ништо за новиот устав, но Хрватска ќе биде членка на Европската Унија,,. Покрај Хрватска својата иднина во Унијата ја гледаат и другите држави од Западен Балкан: Македонија. Србија, Црна Гора, Албанија и Босна. ,,Пораката до нив е дека ние ги исполнуваме нашите ветувања, но оти сме строги во врска со критериумите,, вели шефот на холандската дипломатија Бен Бот.
XS
SM
MD
LG