Достапни линкови

Јосиф Јосифовски, претседател на ДИК. Очекувам фер и демократски избори


Господине Јосифовски, овие избори се сметаат како клучни за Република Македонија. Кампањата, се чини, одамна стартуваше, а експертите и меѓународните претставници посочуваат дека таа стартуваше прилично агресивно. Сметате ли дека ќе имаме фер, демократски и регуларни избори?

Да, очекувам дека парламентарните избори во 2006 година ќе бидат фер и демократски, затоа што изборниот законик е донесен по европските стандарди. ДИК ги формира изборните органи, а тоа се општинските изборни комисии и избирачките одбори. Во тек е едукација на овие изборни органи. Таа е поделена на два дела, теориски и практичен, со тоа што на членовите на општинските изборни комисии им се предочува како се ракува со изборниот материјал. Сметам дека се создадени добри услови за спроведување фер и демократски избори.

Тоа пред се ќе зависи од едукацијата на комисиите?

Апсолутно сметам дека едно од најзначајните прашања за спроведување на фер и демократски избори е квалитетната едукација на изборните органи. Од причина, што прв пат во Република Македонија имаме формирање на општинските изборни комисии од редот на државната, општинската и градската администрација, по случаен избор. А, за избирачките одбори од редот на јавната администрација. Од тие причини сметам дека во избирачките одбори имаме луѓе кои можеби никогаш не биле во изборниот процес, па сметам дека толку повеќе е важно овие членови на општинските изборни комисии и избирачките одбори бидат квалитетно и добро подготвени за спроведување на изборите.

Опозицијата обвини дека во рамки на општинските изборни комисии се најдоа некои лица, партиски кадри, но и случајот со Липково со Јахиу. Сметате ли дека тоа влијаеше на имиџот на комисиите, а со тоа и на изборите?

Според изборниот законик ДИК случајниот избор го врши врз основа на податоци добиени од Агенцијата за државни службеници. Од тие причини, ДИК при вршењето на случајниот избор не беше во можност да ги испитува државните службеници, дали имаат направено кривични дела поврзани со изборите. Се случи еден случај, да еден од членовите на општинската изборна комисија во Липково беше и лицето Јахи Јахиу, којшто со пресуда на Основниот суд во Куманово беше осуден за дела поврзани со изборите. Штом ДИК доби такво сознание, веднаш реагираше и Јахиу го разреши од функцијата член на Општинската комисија.

Но, според опозицијата, се најдоа и некои партиски кадри?

Ако ме прашувате за сознанието дека во општинските изборни комисии се вклучени некои партиски лица, тоа не е пречка, од причина што членувањето во политичка партија не е основа да не може да биде избран во општинска изборна комисија, доколку има статус на државен службеник и има висока стручна подготовка.

Имиџот на партиска ја следеше и ДИК, освен избирачките и опшстинските, при изборот на членовите. Сметате ли дека тоа ќе се одрази врз изборите?

Таквите најави, дека некои од членовите се со партиски багаж, навистина не се чувствува во сегашната работа на ДИК. Имено, сите членови на ДИК, својата функција ја вршат професионално, стручно и не се занележува партиско влијание и делување. Напротив, секогаш се работи професионално и стручно, а доказ за тоа е дека скоро сите одлуки се донесувани едногласно.

Меѓународните претставници имаат забелешки за начинот на финансирање, односно извештајот на партиите за финансирањето на изборната кампања. Според меѓународната заедница тоа треба да се случи пред, а не по изборите. Кој е вашиот коментар за ова?

Изборниот законик и во овој дел е многу прецизен. Финансискиот извештај се должни веднаш, а најдоцна до 30 дена по верификацијата на мандатите да го достават, до дравниот завод за ревизија, ДИК и собранието. ДИК нема некои посебни надлежности, во поглед на испитувањето на финансискиот извештај. Единствено што ДИК има обврска, тоа е да го објави на веб страницата на ДИК.

Имате ли првични информации за тоа колку лица ќе ги набљудуваат изборите и во оваа насока набљудувачите кои ќе дојдат од ОДИХР?

Во овој момент немам. Иако, правото за набљудување започнува од денот на распишувањето на изботите. Право на набљудување имаат сите регистрирани здруженија на граѓани, претставници на меѓународните организации, доколку поднесат барање до ДИК. До сега имаме примено две барања, од МОСТ за 119 акредитации.

За крај, со кои пречки очекувате да се соочите на денот на изборите и вкупно во целиот процес?

Јас не очекувам пречки со оглед на тоа што ДИК се подготвува телелно и аналитички. Мојата проценка е дека политичките партии се свесни за значењето на моментот на овие парламентарни избори, дека се клучни за влез во европското семејство, како и свеста на граѓаните дека се важни избори и од тие причини сметам дека не би требало да има пречки во спроведување на фер и демократски избори.
XS
SM
MD
LG