Достапни линкови

Двајцата лидери ги признаа грешките што ги сториле за време на ирачката војна


Американскиот претседател Џорџ Буш и британскиот премиер Тони Блер на заедничката прес конференција по нивната средба во Вашингтон ги признаа грешките што ги сториле за време на ирачката војна. Сепак тие, како што рекоа, остануваат решени да го завршат започнатиот процес на демократизација на Ирак. Двајцата лидери исто така ја повторија нивната поддршка за дипломатско решение на спорот со иранската нуклеарна програма.

Американскиот претседател Џорџ Буш изјави дека и покрај, како што ги нарече, неуспесите и погрешните чекори, верува оти Соединетите Држави и Британија ја направиле вистинската работа со тоа што во март две илјади и третата година го нападнаа Ирак.

„Не најдовме оружје за масовно уништување за кое верувавме дека го поседува. Тоа го отвори прашањето дали жртвите за Ирак вредат. Силно верувам дека ја сторивме вистинската работа.“

Изјави Буш, оценувајќи дека најголемата американска грешка досега, е затворот Абу Граиб.

„Најголемата грешка што се случи досега, барем од нашата вклученост во Ирак, е Абу Граиб. Сепак, за разлика од Ирак под Хусеин луѓето кои ги сториле тие акти одговораа пред лицето на правдата. Имаа фер судење и беа казнети.“

Буш наведе дека жали и за некои негови изјави во врска со Ирак, како например онаа кога ги предизвикал ирачките бунтовници да продолжат со нивните напади. Британскиот премиер Тони Блер пак, од своја страна, призна дека дебаасификацијата на Ирак можело да се изведе и на поинаков начин. Овој поим Блер го изведува од името на тогашната владејачка БААС партија на Садам Хусеин.

„Можевме дебаасификацијата да ја направиме на поинаков начин од оној што го презедовме. Најтешката работа беше решеноста на тие луѓе да му се спротивстават на демократскиот процес во Ирак.“

Блер и со очекување дека најголемите закани за новите ирачки полициски единици би можело да дојдат во наредниве неколку месеци.

„Постепено, се повеќе и повеќе делови на Ирак ќе бидат надгледувани од самите ирачки сили за безбедност. Токму тоа ќе биде предизвик за антидемократските сили во наредниве месеци.“

Затоа Блер и Буш се заложија за задржување на американските и британските сили во Ирак се додека тамошната влада не биде способна сама да се грижи за безбедноста во земјата. Во врска со Иран, Буш го повтори ставот дека Вашингтон би можело да ги разгледа иницијативите на Техеран, но само откако ќе го запре процесот за збогатување ураниум.

„Иранците ја напуштија преговарачката маса. Мислам дека би требало да им биде јасно дека ќе останат изолирани се додека не соработуваат со Обединетите Нации.“

Изјави Буш кој изрази надеж дека спорот ќе биде решен по дипломатски пат.
XS
SM
MD
LG