Достапни линкови

Унца злато достигна цена од над 700 долари


Унца злато на светските берзи достигна вредност од над 700 долари, што е највисока цена на златото во последните 25 години. Поскапувањето на нафтата, страхувањата од инфлација и тензиите околу иранската нуклеарна програма, се главните фактори за скокот на вредноста на златото за една третина само во оваа година.

Политичката и економската ситуација во светот е погодна за инвестирање во злато. Кога ќе се додадат и страхувањата од натамошниот пад на доларот, поради американскиот буџетски и трговски дефицит, тогаш, купувањето злато е некој вид сигурност во неизвесни времиња и начин да се избегнат можните ризици. Џил Лејланд од светскиот совет за злато додава:

„Ако имате злато, никој не може да ви го земе и ниедна влада не може да му ја намали вредноста до ниво до кое е можно обезвреднување на некоја национална валута, поради лошата економска политика.“

Врз скокот на цената на златото влијае и недостигот од нови наоѓалишта, кои би ги замениле експлоатираните рудници. Во последните неколку години инвестициите во злато се олеснети и со појавите на фондови за трговска размена, така што на пример пензиските институции можат да вложуваат во тој драгоцен метал, а протоа не мора физиќки да го поседуваат. Како фактор се спомнува и намерата на кинеската народна банка да го зголеми нивото на девизни резерви во злато. Меѓутоа, светскиот совет за злато генерално не очекува дека централните банки дрстично ќе го менуваат досегашниот сооднос спрема нивото на златните резерви. Но влијание врз цената има порастот на побарувачка на накит во Кина и во Индија, вели Џил Лејланд:

„Без оглед на тоа што златото во минатата година поскапе за 9 насто, побарувачката во тие земји порасна за 5 насто.“

Со оглед на тоа дека најголемите наоѓалишта на злато се во сиромашните земји, тие секако ќе профитираат од скокот на цената, пред се Јужно-африканската Република, како и Мали и Лаос. Тука секако се и компаниите за преработка на злато, главно во развиените земји. Сепак, Џил Лејланд потенцира дека цената на златото е само малку над просечната, ако се има предвид инфлацијата и другите економски параметри:

„Ако се анализира реалната цена на златото, откако е одмрзнмата во 1971-ва година, тогаш неговата вредност, долгорочно гледано, е нешто повисока од просечната.“
XS
SM
MD
LG