Достапни линкови

Ќе биде потребно уште многу време поради бројните проблеми, велат експертите


Гасифицирањето на Македонија и користењето на гасот во домаќинствата како замена за скапата електрична енергија ќе треба да помине уште многу време за да се спроведе. Државата нема ниту стратегија, ниту воља за да инветира во гасоводна мрежа, а сеуште не е создадена ниту поволна клима за тоа со оглед на бројните проблеми, вели професорот од Машинскиот факултет Константин Димитров.

„Немаме клима за вложување на пари во овој систем. Еден елемент е и нерешените имотно-правни односи меѓу државата и Макпетрол. Треба да преземе мерки, треба да постои желба кај Владата тоа да го направи, ако постои желба за кусо време се наоѓаат инструменти и мерки како тоа да се реализира. Што се однесува до техничкото изведување и приклучување имаме повеќе компании кои тоа лесно би го извеле. Без проблеми технички се решава.“

Ваквата поисплатилива алтернатива, евтиниот гас, посебно се актуелизираше по продажбата на Електродистрибуција, со што се зголемија стравувањата дека цената на струјата ќе расне. И покрај тоа што експертите велат дека на овој план не се прави ништо, во своите аргументи за тоа како ќе се заштитат граѓаните од скапата струја Владата посочуваше дека ќе развива гасоводната мрежа што ќе се користи во домаќинствата. Министерот за економија Фатмир Бесими изјави:

„Паралелно ние исто така работиме стратегија за развој и внесување на гасот и гасоводниот систем во Македонија за и ние како и развиените земји, за потребите на домаќинствата и индустријата да користиме гас како поевтин алтернативен извор на енергија.“

За тоа колку пати е поевтин овој вид на енергенс со што е и поисплатилив за граѓаните, професорот Димитров посочува:

„Користењето на гасот е значително поекономски исплатиливо, отколку да го претворите во електрична енергија или пак да ја трошите струјата што ја произведуваме во Неготино. За да добиете киловат енергија, три киловати вложувате во Битола, а да го имате тој киловат дома со гас, вложувате 1,2 киловати или 1,1 киловати.“

вели Димитров.
На територијата на Македонија гасот пристигнува преку Бугарија, но тој сега се користи само од страна на индустриските капацитети во земјава.
XS
SM
MD
LG