Достапни линкови

Милчо Манчевски, филмски режисер. Политичкото пласирање на уметноста е проституција


Го започнуваме разговорот со цитат од едно ваше писмо упатено некому веднаш по завршувањето на Пред дождот, велите, многу работи испаднаа поинаку од што сакав. Да имав повеќе моќ, ќе беше поинаку, ама немав. Филмот како поле, привлекува секакви бараби. Впечатокот што ние го имавме е дека режисерот ги држи конците и управува со ситуацијата. Што се случуваше овде?

Правење филм е комплицирана играчка. Станува збор за многу технологија, многу пари, суети кои се спојуваат во едно мало купче, што на крај треба да донесе нешто убаво и на крај, ако се биде како што треба, и едно мало парче уметност. Во тоа писмо зборувам само за еден од тие проблеми, баш за тие луѓе, тие бараби, собрани на купче коишто филмот ги привлекува. Гледам дека има едно чудо, прекрасни луѓе, ама за жал има и многу луѓе кои имаат морална амеба, на кои не им е важно како се чувствува другиот човек и не им е важно каков филм ќе добијат на крај. Имаат своја агенда, агендата се состои во задоволување на суетата, во дрпање пари и сега ти ако се спротиставиш на таа агенда, обидувајќи се да направиш подобар филм ќе лета се и сешто.

Сега веројатно со имиџот којшто го создадовте ќе биде поинаку?

Пакувањето на овој филм сметам дека ќе биде многу подобро искуство, што во крајна линија и нема некое влијание на тоа дали филмот ќе биде добар или лош. Продукциското пакување на „Пред дождот“ и соработката со тие продуценти беше едно грозно искуство, но испадна добар филм. Знам и ситуации кога е обратно. Кога луѓето работат комотно, кога режисерот е задоволен од соработката, но тоа не резултира со добар филм. Којзнае која хемија, која магија се случува за еден филм да е добар, а друг да не биде?

Изгледа дека Балканот станува се поатрактицна тема за авторите. Мислите ли дека тоа преминува во клише?

Јас не верувам во балкански, англиски, кинески приказни. Мислам дека тое а ефтино, не само клише. Политичкото пласирање на уметноста е проституција на уметноста. Со дневно политички настани се бави Си-Ен- Ен, не се бави уметноста. Се разбира филмот не треба да бега од политиката. Ама, ако целокупното постоење на филмот се сведува на политиката, на парола, мислам дека вистински филм зборува за една човечка состојба. Не мора таа состојба да биде артикулирана во зборови, не мора да биде артикулирано во порака. Но, кога јас како гледач комуницирам со уметноста, јас наоѓам начин меѓу редови да почувствувам пораки што уметникот успева да ги искомуницира до мене, а целото тоа независно од зборовите. Не е важно која е темата. Затоа, бавењето со политика и бавењето со Балканот е плитко. Но, ако авторот успее да создаде една порака и да комуницира независно од тоа каде филмот се случува или која е политичката порака, тогаш станува збор за уметничко дело.

На една прес конференција, еден новинар ве праша, дали сметате дека со овој филм ќе и го попречите патот на Турција кон ЕУ. Какви се вашите чувства кога ви се поставуваат вакви прашања?

Јас бев збунет, не очекував од сериозен новинар од сериозен високо тиражен англиски весник да настапува со прашање кое што не само што е неинформирано туку и тенденциозно. Во прво време, не знаев како да одговорам, мислев дека не треба да се удостои една таква теза со одговор. Но има луѓе што погрешно читаат, кои ќе видат само дел од прес конференцијата и за нив понекогаш треба да се објаснат работите, дури и на ниво на ученик од петто одделение. Што да му правам? Во крајна линија, тоа е негов проблем, не можам да го превоспитувам. Ако воопшто верува дека било кој филм може да има такво политичко влијание и да спречи некоја земја да влезе во ЕУ. Ако може да смета дека овој филм беше усмерен против еден народ, тогаш мислам дека човекот е тенденциозен. А, тоа е голема работа и не е нешто што може да се расчисти во едно две прашања и одговори. Особено, ако знаеме дека тој конкретен човек има расистичко минато во Северна Ирска.

Имате ли сознание колку вашите филмови имале до сега политичко влијание?

Па, веројатно имаат. Секое дело има влијание на луѓето, а меѓу другото и политичко влијание. Знам, зашто добивам фидбек дека филмовите се гледаат низ политички очи. Што да правам, јас ги потпишувам филмовите и стојам зад нив и не ми е намерата да му држам политички час. И навидум најголемите лимунади имаат политичко ехо, дали е планирано или не е друго прашање, но целиот концепт на тоа поединецот против општеството, хепиендот, сето тоа се политички категории. Од таму доаѓа гледањето на светот видено низ каубојки очи и после имаме претседатели кои се однесуваат како каубојци.

Дел од јавноста ви забележуваше зошто Македонија ја претставувате како рурална земја?

Од каде сега концептот дека мојот филм треба да ја прикажува Македонија пред другите? Јас ја прикажувам пред себе, како огледало во кое треба да се видиме. Фрлање ѓубре од тенџере, тоа го нема во филм, но дали треба да го има во филм затоа што постои секој ден? Втора работа е, Македонија е рурална земја. Мене ми е индикативно што луѓе се срамат од тоа што селото игра крупна улога во пред дождот. Во крајна линија, селото е она што за мене е убаво во Македонија. И уште поважно луѓе се бават со материјалното претставување на Македонија, дали сме виделе мерцедеси или магариња, а не со етичкото или моралното во филмот. Никој не зборува за тоа дека во тој филм видовме најмалку два етички и морално силни ликови кои стојат зад своите ставови и ги бранат и по цената на животот.

Последните години во Македонија се снимаат повеќе филмови, се слуша за повеќе режисери. Мислите ли дека во тој кванитет има и квалитет?

Па, не знам, затоа што за жал немам гледано ништо од тие филмови иако ме интересира што е снимено и професионално и приватно. Но, одлично е што толку се снима кај нас. Не само што е одлично, туку и чудно, затоа што ова е мала и сиромашна земја. Се снимаат релативно многу филмови, работат многу дебитанти и млади луѓе. Мислам дека ние не сме свесни затоа што од внатре ја гледаме ситуацијата, колку е поместување во однос на тоа колку и како се работеше преходно.
XS
SM
MD
LG