Достапни линкови

Заеднички став за справувањето со Иран и Хамас


Американскиот претседател Џорџ Буш и германскиот канцелар Ангела Меркел, зборувајки на свеченоста по повод 100 годишнината од американско – еврејскиот комитет во Вашингтон, искажаа заеднички став во справувањето со Иран и со Хамас, кои не го признаваат Израел. Ќе бидат превземени сите неопходни мерки да се спречи Иран да произведе нуклеарно оружје, а со Хамас нема контакти се додека не го признае Израел, изјавија Буш и Меркел.

Ангела Меркел е прв германски канцелар кој се обраќа пред американско – еврејскиот комитет. Таа изјави дека контактите со палестинската влада, предводена од Хамас ќе бидат можни само доколку таа милитантна организација се откаже од насилствата и го признае Израел. Буш повтори дека Соединетите Држави и натаму ќе ја подржуваат безбедноста на Израел.

„Хамас стави јасно до знаење дека не го прифаќа правото на Израел да постои, а јас јасно кажувам дека се додека тој став не го сменат, ние нема да имаме контакти со нив. Демократски избраните лидери не можат со една нога да бидат во кампот на демократијата, а со другата во кампот на тероризмот.“

Буш и Меркел го критикуваа и ставот ан Иран во врска со Израел и изјавите на иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџат дека еврејската држава треба да биде избришана од мапата. Никој не може да го доведува во прашање постоењето на Израел и тоа е став на сите германски влади, изјави Меркел. Лидерите на Соединетите Држави и на Германија нагласија и дека ќе дејствуваат заеднички против иранските амбиции да произведе нуклеарно оружје.

„Најнапред, ние ја научивме лекцијата од ирачкиот конфликт. Поделеноста не е од корист на Европската Унија. Мислам дека не смееме да оставаме впечаток кај диктаторските режими дека демократскиот свет е поделен.“

Изјави Меркел, додавајки дека сите конфликти треба да се решаваат со дипломатски средства и оти тоа не е можно без подршка и од Русија. Буш додаде дека ќе продолжи притисокот врз иранската влада да ги исполни барањата на Меѓународната агенција за атомска енергија, како и резолуцииите на Советот за ебзбедност на Обединетите Нации.
XS
SM
MD
LG