Достапни линкови

Александар Прчевски, јавен обвинител. Јавното обвинителство изложено на притисоци од секаде


Господине Прчевски, во изминативе неколку недели јавноста е потресена од аферата Бачило. Што одлучивте, ќе покрене ли јавното обвинителство постапка во врска со преиспитувањето на овој случај?

Во овој момент, може да се каже дека тоа е некаква афера, имајќи предвид дека престојат одредени испитувања и постапка од која ќе се утврди дали навистина некоја од инволвираните страни во тој процес има и криминални активности. Но, за тоа е рано, престои работа, треба да се заокружи во сите сегменти и дури потоа ќе кажеме што се случило и која ќе биде одлуката на обвинителството.

Сепак, станува збор за голема афера, може ли да ни соопштите временски период, кога обвинителството ќе излезе во јавноста да ја соопшти својата одлука?

Со оглед на тоа што само што почнавме со испитување на случајот и не знаеме на што се, и какви препреки ќе наидеме во текот на постапката, не би било благодарно сега да предвидуваме кога и за кој период тоа ќе заврши. Но, јас сум убеден дека тоа ќе биде во блиска иднина.

Овој случај беше во еден дел од постапката во јавното обвинителство по однос на барање на заштита на законите. Ги исцрпевте ли сите механизми за на време да ја спречите целата ситуација околу случајот Бачило?

Па, јавното обвинителство има механизми, меѓутоа треба да му е познат случајот. Ние имавме можност да постапуваме само по однос на меѓу пресудата, по иницијатива на јавното правобранителство и при тоа нашата одлука беше негативна и оценивме дека нема место за поведување за барање на заштита пред Врховниот суд, но што понатаму се случуваше во постапката не бевме информирани и не можевме да знаеме за тоа, а според тоа, и не можевме да преземеме било што друго.

Една друга посвежа афера во изминатиот период беше и случајот со станови на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, анти корупциската комисија во овој случај се прогласи за ненадлежна. Но, што е со јавното обвинителство. Постои ли можност за поведување постапка?

Во моментов нема одредени индиции или сомневања дека доколку биле набавени станови од страна на господинот Груевски се од сомнителен карактер или биле изиграни одредени државни или други интереси. Според тоа, ако сознаеме нешто ново, сигурно ќе биде формиран предмет и ќе биде постапено по него. Што ќе се случи понатаму не можам да кажам.

Што е со случајот Ел Масри?

Па, имавме замолница од генералниот обвинител на покраината Баварија, со седиште во Минхен и имаше поставено прашања на кои ние пред околу еден месец одговоривме и укажавме дека доколку има нови барања и потреба од утврдувања нови околности и факти, ние тоа ќе го сториме.

Како ја оценувате соработката со анти корупциската комисија?

Јас само би кажал пример дека во Словенија ги имаа истите проблеми со анти корупциската комисија и таму таа комисија не постои. Ова е од причина што и таму анти корупциската комисија излезе од со закон дадените овластувања и посака да се наметне врз другите институции. Единствена причина за нашите недоразбирања беше тоа. Анти корупциската комисија, независно дали е во овој состав, дали утре ќе постои или не, ќе мора да знае што е нејзина работа и до каде таа може да посегне. По мое длабоко убедување таа треба да има превентивни активности, во смисол на лоцирање на коруптивни појави и предлагање на власта на механизми за спречување на корупцијата. Не да ја користиме неа или обвинителството или било што друго за политички маркетинг или лични интереси.

Што сметате како успех на јавното обвинителство?

Па, ги има многу. Во оваа прилика сакам да потенцирам дека обвинителството постапуваше по околу 30 илјади предмети. Имаме околу 12 илјади непресудени предмети, обвиненија поднесени во претходната 2005 година. Случајот Југ, на пример, покажува дека не е така како вие говорите и како говорат медиумите. Но, мора да се има предвид дека јавното обвинителство нема доволно алатки, па ќе треба време и простор, поддршка и трпение да може да се утврдат сите детали, посебно во делот на организираниот криминал.

Се соочува ли обвиннилтеството со притисоци?

Притисоци има од секаде и тоа се нормални и очекувани. Јавноста треба да има трпение и да го остави обвинителството да работи.

Јавноста или функционерите?

Медиумите. Пред се.

Во медиумите ја гледате вината?

Со функционерите лесно се справуваме. И тоа сме го докажале во последниве години или години наназад. Затоа што нив може да им се каже дека таа работа не бидува и дали тоа ќе го сфатат или не, е сосема ирелевантно за нас. Но, ако медиумите од типот на А1 телевизија, од типот на Сител, или да не ги набројувам другите од типот на Време, креираат или ја замајуваат јавноста со одредени невистини, јавноста се стекнува со впечаток дека тоа се вистини и дека обвинителството не работи и дека криминалот цвета, што не е добро. Втора работа, што е многу битна е дека ние како обвинителство, согласно со позитините прописи, немаме самостојност и незавинсот, алати и механизми да можеме да делуваме на начин како што посакуваат граѓаните, како што доликува да биде. Имајќи превид дека користиме други органи, каде што можеме да наидеме на ѕид, на молчење, на влијанија на политиката.

Значи, сепак има и во тие редови, не само кај медиумите?

Ги има секаде. Но, ако се има предвид фактот дека во овие три – четврта година, се бориме за воспоставување систем, кој беше растурен. Денес имаме проблем со пробивање на секоја втора акција во преткривична постапка при обезбедување докази за конкретна афера, или конкретен криминален случај. Ако е така и ако тие луѓе внатре се инволвирани, и ако тој криминал се продуцира на сите шалтери во државата, од најниско ниво, тогаш ние не сме семоќни и немаме волшебно стапче. Треба да се има предвид дека за тоа треба време, свест и да соработуваат сите.
XS
SM
MD
LG