Достапни линкови

Се очекува осуда на Техеран


Меѓународната агенција за атомска енергија денеска треба да му поднесе извештај на Советот за безбедност на Обединетите нации за иранската нуклеарна програма. Се очекува осуда на Техеран поради неисполнување на барањето на Светската организација за запирање на процесот за збогатување ураниум.

Иранските лидери повторуваат дека нивната програма е за мирољубиви цели. Соединетите Држави пак, се сомневаат дека Иран работи на добивање нуклеарно оружје. Американскиот државен секретар Кондолиза Рајс, на министерскиот состанок на НАТО во Софија изјави дека Советот за безбедност би морало да дејствува, бидејќи Техеран не ги исполнува меѓународните барања.

„Не треба да се спомнува дека Соединетите Држави веруваат оти Советот за безбедност мора да реагира за да си го зачува кредибилитетот.“

оцени Рајс. Потсекретарот Николас Бернс пак обелодени дека се во тек консултации меѓу многу земји за можните санкции против Иран.

„Иранците ги минаа сите меѓународни црвени линии и сега ќе поттикне значајна дебата во Советот за безбедност на Обединетите Нации.“

Рече потсекретарот Бернс. Шефот на француската дипломатија Филип Дуст Блази изјави дека Франција, како постојана членка на Советот за безбедност, е за упатување брз и силен сигнал до властите во Техеран. Русија и Кина и натаму инсистираат на дипломатско решение на проблемот.

„Мислам дека во врска со ова иранско нуклеарно прашање сите членки на Советот велат дека исто така сакаат дипломатско решение.“

Изјави кинескиот амбасадор во Обединетите Нации Вонг Гуанџија. Од друга страна, иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад повтори дека Иран, без оглед на притисоците, ќе го продолжи процесот на збогатување на ураниумот:

„Иранската држава дојде до нуклеарно гориво потпирајќи се врз нејзината младост. Иран не доби никаква помош од надвор. Добивме нуклеарно гориво потпирајќи се врз можностите на младите и никој не може да ни го одземе.“

Изјави Ахмадинеџад. Ваквото мислење не го делат во Вашингтон каде што веќе е најавена можноста за нов цивилен договор со Русија за нуклеарна енергија. Овој договор би требало да ја спречи Москва да соработува со Иран. Неименувани извори во Вашингтон велат дека станува збор за своевеидна промена на американската политика спрема Русија. Имено, сега не е дозволена поголема нуклеарна соработка меѓу двете земји поради руската улога во изградбата на иранската нуклерна централа во Бушер во вредност од осумстотини милиони долари.
XS
SM
MD
LG