Достапни линкови

Без согласност за иранската нуклеарна програма


Претставници на петте постојани членки на Советот за безбедност на Обединетите Нации плус Германија кои синоќа во Москва разговараа за иранската нуклеарна програма не постигнаа договор околу евентуалното воведување санкции против Иран. Ваквото американско барање наиде на одбивање од Русија и Кина. Во меѓувреме, американскиот претседател Џорџ Буш не ја исклучи можноста од нуклеарен напад врз Иран доколку дипломатијата не успее да го убеди Техеран да се откаже од нуклеарната програма.

На состанокот во Москва, американскиот потсекретар Николас Берн, како што е соопштено, се залагал за воведување санкции против Техеран, но оти не бил постигнат никаков договор за тоа. Најавено е дека консултациите ќе продолжат, а шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров денеска побара од Иран да ги запре активностите за збогатување на ураниумот. Тоа ќе биде потребниот конструктивен чекор од Техеран, изјави Лавров. Во меѓувреме, се приближува дваесет и осми април, денот кога Меѓународната агенција за атомска енергија треба да поднесе извештај за тоа дали Иран ги исполнува барањата на Обединетите Нации за запирање на збогатувањето ураниум. Претставник на иранската дипломатија повтори дека Техеран нема да го стори тоа, бидејќи има право да развива нуклеарна технологија. Американскиот претседател Џорџ Буш пак изјави дека ќе биде преземено се со цел Иран да се откаже од своите нуклеарни амбиции:

„Сите опции се на маса. Сакаме да го решиме ова прашање дипломатски и работиме на тоа. Најдобар начин е пак доколку земјите кои ја препознаваат опасноста од тоа што Иран ќе има нуклеарно оружје ги обединат напорите.“

Изјави Буш, најавувајќи дека на утрешната средба во Вашингтон ќе побарал од кинескиот претседател Ху Џинтао да го зголеми притисокот врз Иран. На прес конференцијата во Вашингтон претседателот Џорџ Буш уште еднаш ги отфрли критиките против државниот секретар за одбрана Доналд Рамсфелд:

„Дон Рамсфелд работи добро. Имам силна доверба во него. Ги слушам гласовите, ги читам насловните страници и ги знам шпекулациите. Но, јас донесувам одлуки и јас решавам што е најдобро. А тоа што е најдобро за Рамсфелд е да остане секретар за одбрана.“

Рече Буш. Претходно и Рамсфелд ја отфрли можноста да поднесе оставка а со цел да го намали политичкиот притисок врз американскиот претседател и врз неговата републиканска партија во Конгресот.

„Претседателот знае, како и јас, дека не постојат незаменливи. Гробиштата во светот се полни со незаменливи луѓе. Претседателот Буш знае дека служам најдобро што знам.“

изјави Рамсфелд, цитирајќи го поранешниот француски претседател Шарл Де Гол. Рамсфелд во во врска со барањето на неколкумина пензионирани американски генерали за негова оставка оцени дека на некои луѓе им било тешко да се префлат од дваесет во дваесет и првиот век, односно од индустриската во информатичката ера.
XS
SM
MD
LG