Достапни линкови

Во иднина парламентарците не ќе можат да донесат ист закон, објаснуваат експертите


Пратениците нема да ги имаат привилегиите кои си ги изгласаа со контроверзниот закон за пратеници. По одлуката на Уставниот суд за укинување на законот, тие немаат право повторно да го гласаат истиот. Професорот од Правниот факултет Светомир Шкариќ објаснува дека одлуката е извршна и правосилна и не може никој да ја оспори:

„Ваков закон каков што сега донесе Собранието, не ќе може да донесе во иднина, можеби ќе може некој друг закон, но не се иста содржина. Ќе мора Парламентот да се намачи да вгради нови одредби, затоа што секоја сличност помеѓу новите одредби и овие укинати одредби ќе асоцира дека не се почитува одлуката на Уставниот суд, а таа мора да се почитува.“

вели Шкариќ и додава дека Уставниот суд како највисок орган во државата може да им ги поништи сите одлуки на парламентарците:

„Уставниот суд по моја оценка, правилно постапи. Тоа е една од најхрабрите одлуки на Уставниот суд. Од друга страна по повод оваа одлука, пратениците овие што гласаа, а тоа се 75 пратеници, мислам дека ја покажаа грдната слика на нивното политичко однесување. Тие покажаа дека пред се водат сметка само за личните интереси.“

Дел од народните избраници вчера револтирани реагираа на одлуката. Пратеникот на ВМРО Народна Слободан Чашуле ги повика пратениците на бојкот на седниците на која треба да се гласаат членовите на Државната изборна комисија. Професорот Шкариќ вели дека не постои закон со кој се забранува да се коментираат одлуките на Уставниот суд:

„Можат пратениците да коментираат, иако тоа не е културно, бидејќи во овој случај тие се заинтересирана страна.“

Задоволни од одлуката на Уставниот суд се и оние кои ги избрале пратениците граѓаните:

„Редно беше да се донесе таква одлука. Такви бенефиции, тоа не е во ред.“

„Судот е во право, бидејќи народот треба да биде подеднаков.“

„Има работници по 40 години што работеле во рудник што би се рекло, во најтешки услови и немаат такви пензии, како што тие бараат. Тие цело време седат на фотељи, а јас сум работел 40 години во железница, работев и дење и ноќе со 9 илјади денари отидов во пензија.“


Народните избраници во јули минатата година и покрај реагирањата во јавноста речиси едногласно го изгласаа законот со кој им се овозможуваше да одат во пензија со 25 години стаж, а покрај пратеничката плата да примаат и надоместок за присуство на седници.
XS
SM
MD
LG