Достапни линкови

Вести

Вашингтон: Џорџ Буш има доверба во секретарот за одбрана Рамсфелд

Белата Куќа соопшти дека американскиот претседател Џорџ Буш и натаму има доверба во секретарот за одбрана Доналд Рамсфелд, чија оставка бараат група поранешни американски генерали. Тие сметаат дека Рамсфелд е одговорен за хаосот во Ирак.

види ги сите денешни вести

Бајден и Нетанјаху разговарале за израелскиот одговор на нападот на Иран

Бенјамин Нетанјаху и Џо Бајден (архивска фотографија)
Бенјамин Нетанјаху и Џо Бајден (архивска фотографија)

Американскиот претседател Џо Бајден ја нагласи потребата од дипломатски договор за враќање на либанските и израелските цивили во нивните домови од двете страни на израелско-либанската граница во разговорот со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на 9 октомври, соопшти Белата куќа.

Оттаму додаваат дека Бајден, исто така, го осудил иранскиот балистички ракетен напад врз Израел на 1 октомври.

Бајден „го потврди правото на Израел да ги заштити своите граѓани од Хезболах, кој само во изминатата година истрела илјадници проектили и ракети кон Израел, истовремено нагласувајќи ја потребата да се минимизира штетата на цивилите, особено во густо населените области на Бејрут“, се наведува во соопштението.

Бајден претходно разговарал со Нетанјаху за плановите на Израел да му возврати на Иран за ракетниот напад минатата недела, според изјавите од Белата куќа и од кабинетот на израелскиот премиер на 9 октомври.

Во соопштението на Белата куќа се вели дека Бајден и Нетанјаху „се договориле да останат во близок контакт во наредните денови и директно и преку нивните тимови за национална безбедност“.

Повикот доаѓа во време на ескалација на тензиите меѓу Израел и Хезболах, поддржан од Иран, вооружена група и политичка партија која контролира голем дел од јужен Либан.

Блискиот исток е на „работ“ одека го чека очекуваниот одговор на Израел на главно неефикасниот ракетен напад на Иран, кој Техеран го изврши како одмазда за ескалацијата на Израел во Либан, вклучително и убиството на лидерот на Хезболах, Хасан Насрала.

Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант во видео објавено на израелските медиуми рече дека одговорот на Израел „ќе биде смртоносен, прецизен и пред се изненадувачки“.

Бајден минатата недела рече дека нема да го поддржи Израел да ги нападне иранските нуклеарни локации како дел од неговата одмазда. Тој, исто така, рече дека, ако е во кожата на Израел, ќе размислува за алтернативи за напад на иранските нафтени полиња.

Ураганот Милтон ја погоди централна Флорида

Флорида, САД
Флорида, САД

Ураганот Милтон го погоди западниот брег на Флорида во средата навечер (9 октомври) и донесе екстремно силни ветрови, обилни врнежи и торнада, а некои медиуми објавија дека има и жртви во областа Тампа, пренесува Гласот на Америка.

На 3,3 милиони луѓе им беше наредена евакуација, а повеќе од 1,6 милиони луѓе во Западна Флорида се без струја.

Националниот центар за урагани соопшти дека Милтон е „исклучително опасен“.

Ураганот ослабе на категорија 2 од можни пет околу 90 минути по падот на копното, но бурата и понатаму е исклучително опасна.

Се предупредува дека ураганот може да предизвика бранови високи од 2,7 метри до четири метри, а Националната океанска и атмосферска управа регистрираше бранови високи до 8,5 метри на отворено море.

Во одредени области се очекува да наврнат од 150 до 300 милиметри дожд на метар квадратен.

Трамп одби уште една дебата со Харис пред изборите

Доналд Трамп и Камала Харис
Доналд Трамп и Камала Харис

Поранешниот американски претседател и републикански кандидат на претседателските избори во САД, Доналд Трамп изјави дека нема да води уште една предизборна дебата со американската потпретседателка и кандидатка на демократите Камала Харис.

Тој ја даде изјавата вчера (9 октомври), неколку часа откако Фокс њуз ги покани двајцата кандидати на претседателските избори на евентуалната втора дебата на 24 или 27 октомври.

Што ги разликува Харис и Трамп - американските претседателски кандидати?
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:44 0:00

Во пораката на социјална мрежа Трамп изјави дека „сега е многу доцна за дебата“ и оти „нема за што да се разговара“.

Двајцата претседателски кандидати одржаа дебата на 10 септември.

Изборите, кои ќе се одржат на 5 ноември, речиси сигурно ќе ги определат релативно малиот број неопределени гласачи во седум сојузни држави. Трамп и Харис требаше да ги убедат дека тие се подобриот кандидат.

ДУИ пред Уставниот суд: Укинувањето на балансерот е „тежок удар врз мултиетничката стабилност“

Архивска фотографија - портпаролот на ДУИ, Арбр Адеми.
Архивска фотографија - портпаролот на ДУИ, Арбр Адеми.

Одлуката на Уставниот суд за укинување на „балансерот“ е тежок удар врз Уставот, врз Охридскиот мировен договор и врз мултиетничката стабилност на нашата држава, порача вечерва опозициската партија Демократска унија за интеграција ДУИ на вонредна прес-конференција пред Уставниот суд заедно со стотина симпатизери на партијата.

„Институциите досега го отсликуваа нашиот заеднички ралитет и тоа беше темел на соживотот и комуникацијата меѓу заедниците. Денес повеќе од кога било се соочуваме со сериозна криза на соживотот на правото на еднакви можности. Ова е чекор назад за нашата земја, чекор што ја загрозува иднината на мултиетничката стабилност и хармонијата што ја имаме изградено“, рече портпаролот на ДУИ, Арбр Адеми.

„Ги повикуваме сите надлежни институции и меѓународната заедница веднаш да реагираат за да ги заштитат правата загарнтирани со Устав и закон и да обезбедат дека еднаквата застапеност ќе биде непроменета“, рече Адеми.

Уставниот суд донесе одлука за укинување на „балансерот“ - алатката за вработување според национална припадност во државните институции. Одлуката нема да важи ретроактивно.

Уставниот суд на 18 септември на седница расправаше дали со наведувањето на припадноста на заедницата којашто е потребна за пополнување на секое работно место, на кандидатите за административни службеници им се ограничува достапноста на секое работно место, односно дали со „обврска на кандидатите за админстративни службеници во пријавата за вработување меѓу останатите лични податоци да наведат и припадност на заедница“ се нарушува начелото на стручност и компетентност и се повредува и уставно загарантираното право на работа и слободен избор на вработување.

Уставните судии тогаш одлучија да отворат предмет за употребата на балансерот при вработувањата и времено го замрзнаа „балансерот“.

Предметот, оформен по иницијатива поднесена од стариот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), ги оспорува член 19 став 1 алинеја 1 во делот „припадност на заедница“ од Законот за вработените во јавниот сектор, член 36 став 1 алинеја 1 во делот „и припадност на заедница“ од Законот за административни службеници и член 2 став 1 алинеја 8 и член 3 алинеја 1 во делот „припадност на заедница” од Правилникот за задолжителните елементи на јавниот оглас за пополнување на работно место во јавниот сектор.

Од ДУИ сметаат дека декларирањето на етничката припадност е неотуѓиво право и неопходен елемент за обезбедување праведна застапеност на сите заедници. Според Адеми, преку ваквата одлука на Уставен се напаѓа принципот на еднаквост.

„Одлуката има широки и длабоки последици, вклучувајќи и елиминацијата на можноста и јавните институции да ја отсликуваат мултиетничката структура на нашата држава, а механизмот на балансер, кој овозможи вклучување на различни заедници во вработувањето и нивна застапеност, сега тој механизам со оваа одлука се укина, со што се уништуваат сите досегашни напори за изградба на праведно интегрирано општество“, посочи Адеми.

Според подносителот на иницијативата за укинување на „балансерот“ во Уставниот суд (ДКСК), со примена на оспорените законски одредби се загрозуваат основните слободи и права на човекот и граѓанинот, слободното изразување на националната припадност, соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и други јавни институции и владеењето на правото загарантирани со одредбите во членовите 9, 32 став 1 и 2, 54 став 1, 2 и 3 од Уставот.

Според подносителот, со наведувањето на припадноста на заедницата којашто е потребна за пополнување на секое работно место, на кандидатите за административни службеници им се ограничува достапноста на секое работно место.

Бродот кој наводно превезува експлозив во Израел закотвен кај Малта

Товарниот брод „MV Kathrin“.
Товарниот брод „MV Kathrin“.

Товарниот брод „Катрин“, за кој меѓународната невладина организација „Амнести интернешенел“ смета дека, меѓу другото, транспортира експлозиви во Израел, од 7 октомври е закотвен на отворено море во близина на Малта.

Засега нема најави за неговата следна дестинација.

Бродот претходно три дена беше во Јадранското Море, кога од кабинетот на премиерот на Словенија, Роберт Голоб, за Радио Слободна Европа (РСЕ) потврдија дека треба да пристигне во пристаништето Копар за истовар на стока наменета за земјите на Европската унија.

„Пристаништето Копар е влезна точка. Тоа значи дека товарот продолжува до своите дестинации во ЕУ“, соопшти Кабинетот на премиерот на Словенија на 3 октомври.

Бродот „MV Kathrin“, кој од Виетнам плови кон Европа речиси еден месец од 21 јули, е предмет на разни контроверзи, особено по реакциите на официјалните претставници на Намибија, Португалија, меѓународни организации и активисти поради товарот што го е носител и неговата можна крајна дестинација - Израел.

Амнести интернешенел и ОН ги повикаа сите земји да не дозволат бродот да влезе во нивните пристаништа, „со оглед на јасниот ризик дека таков товар ќе придонесе за извршување на можни воени злосторства во Газа“.

Нобеловата награда за хемија за научниците кои ги истражуваа протеините

Доделување на нобеловата награда за Хемија.
Доделување на нобеловата награда за Хемија.

Оваа година Нобеловата награда за хемија подеднакво им беше доделена на Дејвид Бејкер за компјутерскиот дизајн на протеините и на Демис Хасабис и Џон М. Џампер за предвидување на структурата на протеините.

Според одлуката на Кралската шведска академија на науките, тие ќе ја поделат наградата во износ од 11 милиони шведски круни, што е околу еден милион евра.

„Овие откритија имаат неверојатен потенцијал“, соопшти Нобеловиот комитет.

Како што објави Ројтерс, Хасабис и Џампер користеле вештачка интелигенција за да ја предвидат структурата на речиси сите познати протеини со помош на моделот „AlphaFold2“, кој Нобеловиот комитет го нарече „целосна револуција“.

Бејкер (62) е професор на Универзитетот во Вашингтон во Сиетл, додека Хасабис (48) е извршен директор на „Google DeepMind“, истражувачката единица за вештачка интелигенција на Google, каде Џампер (39) исто така работи како научник.

Хасабис и Џампер користеле вештачка интелигенција за да ја предвидат структурата на речиси сите познати протеини, додека Бејкер научил како создаде сосема нови протеини, соопшти телото за доделување на наградата.

Наградата за хемија се доделува од 1901 година и досега имало 115 лауреати.

Минатата година, Нобеловата награда за хемија им беше доделена на Мунги Бавенди, Луис Брус и Алексеј Екимов за откривањето на ситни кластери атоми познати како квантни точки.

Тие сега се широко користени за создавање бои на рамни екрани, LED светилки и уреди кои им помагаат на хирурзите да ги видат крвните садови во туморите.

Косово во ЦЕФТА ​​ќе го претставуваат косовските претставници

Илустративна фотографија.
Илустративна фотографија.

Амбасадорот на Германија во Косово, Јорн Роде најави дека отсега Косово во ЦЕФТА (Централноевропски договор за слободна трговија) ќе го претставуваат косовските претставници, а не Мисијата на ОН на Косово (УНМИК).

Голем чекор напред кон еднаква застапеност и учество во ова регионално тело“, напиша Роде на социјалната мрежа Икс.

Косово е претставено во ЦЕФТА од УНМИК од 2007 година, кога и се приклучи на оваа регионална иницијатива.

Владата на Косово и претходно инсистираше на промена на застапувањето во ЦЕФТА, но Германија неодамна понуди решение: да се стави ѕвездичка до името на Косово што во фуснотата ќе означува дека статусот на Косово не е конечно решен.

За возврат, од Косово беше побарано да ја укине забраната за увоз на стоки од Србија, што официјална Приштина делумно го стори на 7 октомври.

Како што објасни премиерот на Косово, Албин Курти, стоката од Србија преку граничниот премин Мердаре ќе може да влезе со зголемена контрола, додека слободен проток на стоки од Србија ќе биде можен и на другите премини кога ќе се набави скенер за проверка на камионите.

Косово инсистираше на ставот дека тие мерки не се од економска, туку од безбедносна природа.

Инаку, ЦЕФТА извесно време беше блокирана поради забраната на Косово за увоз на стоки од Србија и начинот на кој Косово беше претставено во оваа иницијатива.

Деблокирањето на ЦЕФТА доаѓа во пресрет на 10-годишнината од Берлинскиот процес, кој се одржува на 14 октомври. Берлинскиот процес е и регионална иницијатива која има за цел да го помогне економскиот развој на шесте земји од Западен Балкан и нивниот пристап кон Европската унија (ЕУ).

Косово е дел од Берлинскиот процес од неговото основање во 2014 година, а дел од потпишаните договори во рамките на оваа регионална иницијатива се договорот за меѓусебно признавање на лични карти, универзитетски дипломи, професионални квалификации и соработка во областа на транспортот, енергетиката, екологија, дигитализација и роамингот.

Најмалку 12 загинати Палестинци во израелски напади во Газа

Луѓе носат спасени предмети среде урнатини на згради оштетени за време на израелскиот воздушен напад претходната ноќ на бегалскиот камп Буреиџ во централниот дел на Појасот Газа на 8 октомври 2024 година.
Луѓе носат спасени предмети среде урнатини на згради оштетени за време на израелскиот воздушен напад претходната ноќ на бегалскиот камп Буреиџ во централниот дел на Појасот Газа на 8 октомври 2024 година.

Во израелски напади загинаа најмалку 12 Палестинци, вклучително и девет членови на исто семејство во северниот и централниот дел на Појасот Газа, објави рано на 9 ноември официјалната новинска агенција на палестинската управа ВАФА.

Девет членови на семејството се убиени во напад на нивниот стан во населбата Шејаја во северниот дел на Газа, објави ВАФА, повикувајќи се на лекари од палестинската Црвена полумесечина.

Во израелскиот напад, уште тројца други се убиени во бегалскиот камп Нусејрат во центарот на Газа, меѓу кои и едно дете, а неколкумина се ранети, додаде ВАФА.

Војната во Газа започна откако Хамас, наведен како терористичка организација од САД и Европската унија, го нападна јужниот дел на Израел на 7 октомври, убивајќи околу 1.200 луѓе и зеде 250 заложници.

По масакрот на Хамас, главно на цивили, Израел започна офанзива против Газа.

Според Министерството за здравство на Газа, под контрола на Хамас, во борбите загинале повеќе од 42.000 луѓе. На таа палестинска територија живеат околу 2,3 милиони луѓе.

Израелската војска на 7 октомври објави дека минатата година бомбардирала повеќе од 40.000 цели во Газа, открила 4.700 тунели и уништила 1.000 локации за лансирање ракети.

Конфликтот во Газа се уште трае, додека Израел сега се бори на друг фронт во јужен Либан против Хезболах.

Утрото на 7 октомври, Хезболах, прогласена за терористичка организација од страна на САД, истрела ракети врз северните израелски градови Хаифа и Тиберија, предизвикувајќи штета и некои полесни повреди, според израелската полиција.

Европската унија го стави на црната листа вооруженото крило на Хезболах, но не и неговото политичко крило, кое има места во либанскиот парламент.

Во последните неколку недели, Израел ги бомбардира јужните предградија на Бејрут и врши копнеен упад во јужен Либан во обид да го уништи Хезболах.

Кампањата на Израел против Хезболах го натера покровителот на групата, Иран, да одговори со напад врз еврејската држава со низа ракети, од кои огромното мнозинство беа уништени од израелската противвоздушна одбрана без да предизвикаат значителна штета, но нападот ги оживеа стравувањата од ширење на конфликтот во регионот.

ЕУ ќе воспостави хуманитарен воздушен мост за Либан

Европската Унија ги мобилизира сите алатки за реакција при итни случаи со кои располага, за да обезбеди поддршка на луѓето погодени од актуелната криза во Либан, информираше денеска (9 октомври) портпаролот на ЕК за хуманитарна помош и справување со кризи Балаж Ујвари.

„Денеска, ЕУ започна операција за хуманитарен воздушен мост за помош на луѓето во Либан, што ќе се состои од три лета, со кои, меѓу другото, ќе бидат дистрибуирани средства за хигиена, ќебиња и објекти за сместување“, изјави Ујвари.

Авионите ќе полетуваат од Дубаи и Бриндизи, а предвидено е првиот да пристигне во Бејрут на 11 октомври.

Преку Механизмот за цивилна заштита на ЕУ уште од минатата недела во Бејрут се испорачува помош од Шпанија, Словачка, Полска, Франција и Белгија, а во наредните денови ќе биде транспортирана и дополнителна помош од Грција. Транспортните трошоци и координацијата на овие испораки го обезбедува Европската комисија.

Ујвари потсети дека оваа помош од земјите членки вклучува и лекови и медицински производи, кои се од клучно значење за помош на луѓето во Либан се кои се сочуваат со неможност за пристап до здравствена заштита, пред се за присилно раселените лица.

„Оваа помош доаѓа како дополнување на околу 104 милиони евра хуманитарна помош од ЕУ доделена за Либан оваа година, вклучувајќи ги и најновите итни исплати“, додаде Ујвари.

Инаку, како што информира Еврокомисијата, Координативниот центар за одговор при итни случаи на ЕУ останува во близок контакт со земјите членки и хуманитарните партнери за да се мобилизира дополнителна помош.

Белоруските власти конфискувале куќа на директор на телевизија означена како „екстремистичка“

Алексеј Џикавитски
Алексеј Џикавитски

Белоруските власти ја запленија куќата на Алексеј Џикавитски, вршител на должноста директор на телевизија Белсат, независен белоруски информативен канал, со седиште во Полска.

Куќата, која се наоѓа во областа Пинск во западна Белорусија, ја изградил дедото на Џикавитски, кој го преживеал советскиот Гулаг пред речиси еден век.

Запленувањето на имотот означува уште еден чин на репресија под режимот на белорускиот моќник Александр Лукашенка, кој го засили притисокот врз опозициските фигури и независните медиуми во последниве години.

Џикавитски, кој живее во Полска, добил официјално известување од Истражниот комитет на Белорусија во кое се наведува дека неговата семејна куќа е запленета.

„Ниту сталинистичките власти не ја одзедоа куќата што дедо ми, означен како „непријател на народот“, ја изгради пред да биде испратен во гулаг“, рече Џикавитски.

Неговите баба и дедо еднаш дури дозволиле куќата да се користи како училиште за локалните деца пред да се формира формално училиште во селото.

Прецизните правни основи за конфискацијата остануваат нејасни, но телевизијата Белсат беше означена како „екстремистичка организација“ од режимот на Лукашенка, а владата има историја на таргетирање поединци поврзани со опозицијата.

Законот потпишан од Лукашенка во јануари 2023 година дозволува конфискација на имот од граѓани и организации кои се занимаваат со таканаречени непријателски акции против Белорусија. Законот се користи за да се оправдаат запленувања на имот од истакнати опозициски фигури, вклучувајќи ги Свјетлана Циханускаја, Валер Цапкала и други дисиденти.

Ситуацијата околу домот на Џикавитски ја истакнува тековната репресија врз медиумските фигури и активисти во Белорусија, додека Лукашенка ја покажува контролата врз власта.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG