Достапни линкови

Реформите и исполнувањето на обврските за доближување кон ЕУ не смее да запрат


Власта не успеа да ја „прочита“ дипломатската порака од Брисел, која гласи: Добивате кандидатски статус, но повеќе не смеете да грешите, што значи дека таа треба повеќе и посериозно да се концентира на исполнување на реформите во насока на нашите евроинтеграции, посочуваат домашните екпсерти коментирајќи го бавното темпо на спроведување на обврските од страна на Власта за што таа доби критики од страна на претставниците на Европската Унија. Сите останати реформи се заборавија Реформите во судството, во полицијата, економските проблеми, се заборавија, а владеачката коалиција го донесе она што и е најбитно за изборите, а тоа е правилата во изборниот законик, потенцира професорот Биљана Ванковска.

„Добивме кандидатски статус, но владата протолкува дека од клучно значење е исполнување на политичките критериуми, посебно оној што се однесува на изборите. Оттука, ми се чини дека тоа е и релативно најлесниот дел од задачата,“

вели Ванковска која додава дека Европската Унија капацитетот на една Влада го гледа и низ призмата на успешност во спроведувањето на сите обврски паралелно.

„Суштината на демократијата во ЕУ се гледа низ опипливи параметри, а тоа се економските состојби, функционирањето на државниот поредок и слично.“

Проблем што се повторува во едно децениското изборно искуство во земјава, е тоа што предизборието, започнува веќе во втората година од владеењето на власта, по што се заборава на исполнувањето на обврските, граѓаните чекаат на подобрување на економската состојба и воопшто функционирањето на државата, а Власта се концентрира само на изборната реторика, смета пак професорот Назми Малиќи.

„Нашите предизборни активности на политичките партии претерано долго траат. Тоа повеќе се еуфорични партиски изјави, отколку државни интереси.“

Последните тонови кои од страна на шефот на европската дипломатија Хавиер Солана беа упатени до македонската влада е дека таа е премногу фокусирана на изборната кампања, поради што реформите не напредуваат.
XS
SM
MD
LG