Достапни линкови

Се почести обвинувањата за финансиски малверзации


Финансиските дејности на верските субјекти не се регулирани со закон и државата не врши контрола на нивните приходи. И новиот предлог закон за верски заедници кој е во подготовка се занимава само со нивната правна положба, објаснува претседателот на комисијата за односи меѓу верските заедници Цане Мојановски:

„Прашањето на внатре финансиската работа согласно нашиот устав за одвоеноста на црквата и државата и посебно имајќи ги предвид Хелсиншките принципи од 89 година е прашање на верската заедница. Значи, државата не може да се меша или да утврдува како внатре финансиски работат, затоа што тие не влегуваат во правниот промет.“

Во последно време двете најголеми верски заедници во државата, МПЦ и ИВЗ, ги потресоа неколку финансиски афери. Последна беше вчерашната, кога митрополитот на струмичката епархија, владиката Наум го обвини беровскиот намесник дека проневерил голема сума пари. Портпаролот на МПЦ владиката Тимотеј, објаснува дека нивната добивка се контролира со внатрешна контрола, а други обврски кон државата, освен придонесите за пензиско и здравствено осигурување немаат:

„Секоја епархија, има свои тела и органи кои ги правата контролите на внатрешен план, а секоја епрахија е должна пред архиепископски управен одбор да дава свој финансиски отчет,“

вели Тимотеј и додава дека според него финансиските малверзации во црквата не се должат на непостоењето на закон:

„Зависи дали луѓето се чесни или не, инаку никаков не може никого да контролира ако тој е склон да прави престапи. Затоа има казни, затоа има санкции.“

На сличен начин контрола врши и ИВЗ. Шефот на кабинетот на поглаварот Африм Алија вели дека сите џамии се должни да ги доставуваат сите пари до муфтифствата и тој смета дека причина за малверзациите не е непостоењето на закон:

„Тоа се врзува за неодговорноста на луѓето што ја водат институцијата и ако не водат грижа за работите ќе има постапка за одговорност.“

Претседателот на комисијата Цане Мојановски вели дека во различни држави контролата на финансирањето е различно законски решена:

„Во Шведска, на пример, граѓаните од дел од данокот упатуваат на одредена верска заедница, и државата им гарантира одредени права, како прашање на пгребот, на тој начин таа има увид.“
XS
SM
MD
LG