Достапни линкови

Џош Болтен нов шеф на кабинет на претседателот Џорџ Буш


Американскиот претседател Џорџ Буш деновиве соопшти дека ја прифаќа оставката на шефот на неговиот кабиент Ендрју Кард и оти на таа функција ќе биде заменет од досегашниот директор на буџетот Џош Болтен. Дали ова заминување е првото во можниот бран на промени во Белата Куќа поради опаѓањето на рејтингот на американскиот претседател.

Клучна карактеристика на администрацијата на претседателот Џорџ Буш е лојалноста. Буш од неговите приврзаници бара лојалност, но и им ја дава. Како резултат на тоа е малиот број на промени во Белата Куќа откако тој влезе во неа во јануари две илјади и првата година. Како и да е во последно време зачестија барањата за нови лица во администрацијата со цел да се намали трендот на опаѓање на рејтингот на претседателот Буш. Некои членови на Републиканската партија сметаат дека тоа е неопходно. Имено тие страхуваат дека непопуларноста на претседателот би можело да ги намали нивните шанси да ја задржат контролата врз Конгресот на избори што треба да се одржат наесен. Соопштувајќи ја оставката на Ендрју Кард кој пет години беше шеф на неговиот кабинет, претседателот Буш рече:

„Се потпирав врз Ендиевиот мудар совет, неговата смиреност во кризите, неговиот апсолутен интегритет и врз неговата неуморна посветеност на јавниот сервис.“

Кард кон средината на април ќе биде заменет од Џош Болтен кој во изминативе три години беше директор на буџетот на администарцијата. Ваквата смена, според политичкиот аналитичар Лари Сабато, може да се смета и како голема, но истовремено и како мала промена:

„Голема бидејќи станува збор за шеф на кабинетот, што е најважната позиција на службениците во Белата Куќа. Мала, поради тоа што претседателот едноставно наименува уште инсајдер кој е со него уште при влегувањето во Белата Куќа. Значи не станува збор за ново лице или за нови идеи.“

Сабато верува дека Буш со именувањето на Болтен всушност им вели на критичарите на неговата власт дека е против идејата за големи промени. Професорот по политички науки Роберт Спицер се согласува со оценката дека сменувањето на Кард со Болтен не е голем чекор. Сепак, според него, тој бил неопходен доколку Буш сака да си го поправи имиџот во јавноста. Корист од таквиот чекор имаа неговите претходници Реган и Клинтон, вели Спицер кој очекува пред ноемвриските ибори за Конгресот да дојде до натамошни промени во администрацијата. Една од поголемите би била оставката на секретарот за одбрана Доналд Рамсфелд.

„Очекувам Рамсфелд да си замине во претстојните месеци, едноставно затоа што тој често пати ја нудеше својата оствка, но и затоа што многумина во неговиот ресор го посакуваат тоа. Конечно тоа би можело да биде од корист пред есенските избори.“

Вели професор Роберт Спицер. Рамсфелд неколку пати во изминативе години велеше дека неговата оставка не ја прифаќа претседателот Буш.
XS
SM
MD
LG