Достапни линкови

За 50 проценти намален криминалот во дел од општините


За околу 50 проценти е намален криминалот во дел од општините, оценуваат меѓународните претставници во земјава. Со цел да продолжи овој тренд, во тек е проект што го спроведува Програмата за развој на Обединетите Нации во девет општини:

„Проектот Партнерство за безбедни општини и безбедност има две насоки, едната е помош за Владата при спроведување на законот и стратегијата за лесно оружје и вториот работа на локално ниво, целта е тие да воспостават механизми и да се справуваат со проблемите како да влијаат на населението да не се користи оружјето, да соработуваат со полицијата и слично.“

Изјави Алан Лапон, проект менаџер во УНДП. Една од општините вклучени во проектот е и Арачиново каде дел од македонското население сеуште не се враќа со изговор дека таму не е безбедно. За состојбата во оваа општина, говори градоначалникот Музафер Бислими:

„Како се одалечуваме од 2001 година, така се помалку се употребува меѓутоа ние со оваа акција нормално дека ќе се употребува и полициската станица. Сега ние можеме да поделиме пропаганден материјал, да залепиме плакати, меѓутоа за тие што нема да го почитуваат ќе следуваат и санкции од страна на надлежните органи. Меѓутоа реков дека секоја година се намалува бројот и мислиме дека ќе имаме успех во еден краток период барем да се сведе на едно разумно ниво употребата на оружје на свадби, иако мислам дека тоа воопшто не треба да се употребува, па дури ни на свадби, меѓутоа некои тоа го сметаат како дел од традицијата.“

Во Источниот дел на Македонија овој проект се спроведува само во Штип:

„Треба да напоменеме дека безбедноста во нашата општина е на едно релативно високо ниво и дека малиот број на несреќи кои се случуваат е од невнимателно чување на лесно оружје или негово користење при семејни веселби што е карактеристично само за руралните средини. Сепак ние како општина сметаме дека секоја едукација на жителите особено на младата популација е многу корисно и добродојдено.“

изјави градоначалникот на Штип, Панде Сарев.
За очекувањата на меѓународната заедница Лапон вели:

„Дека безбедноста ќе се зголеми, откако имавме три проекти минатата година резултатот беше намалување на криминалот, на инцидентите со оружје.“
XS
SM
MD
LG