Достапни линкови

Победа на Кадима, партијата на хоспитализираниот Ариел Шарон


На вчерашните општи избори во Израел, според скоро целосните резултати, победила Кадима, партија од центарот што кон крајот на минатата година ја формира премиерот Ариел Шарон кој од петти јануари е во кома. Сепак, Кадима ќе мора да формира коалиција, со оглед на тоа што добила дваесет и осум места во Кнесетот кој брои сто и дваесет пратеници.

На второ место, по Кадима, се најде Лабуристичката партија, а по неа со десетина пратенички места помалку се: ултраортодоксната Шас партија, ултрадесничарската Јисраел Беитеину која е популарна меѓу имигрантите во Израел од поранешниот Советски Сојуз и некогаш владејачка Ликуд партија на Бенџамин Нетанјаху. Одѕивот на вчерашните предвремени избори беше околу шеесет и три проценти од скоро петте милиони израелци со право на глас, што е најнизок во израелската историја. Во денешниот победнички говор во Ерусалим шефот на Кадима и вршител на должноста израелски премиер Ехуд Олмерт изјави дека е подготвен да предаде извесни делови од окупираниот Западен Брег со цел, преку преговори со палестинците да се постигне конечен договор за израелската граница.

„Договор со палестинците е можен само врз основа на преговори и меѓусебно признавање. Тој договор треба да се базира и врз патот на картата, и секако врз завршувањето на насилствата и разоружувањето на терористичките групи.“

Изјави Олмерт, кој се закани дека ќе подигне нови граници кон палестинците доколку мировниот процес остане замрзнат. И палестинската власт, од своја страна, ја повика идната израелска влада на продолжување на преговорите. ,,Го почитуваме демократскиот избор на израелскиот народ, изјави главниот палестински преговарач Саеб Ерекат кој пак, изрази очекување следната израелска влада да биде составена од претставници на Кадима и на Лабуристичката партија. Резултатите од вчерашните избори претставуваат неуспех за основачот на Ликуд, Бенџамин Нетанјаху. Имено, тој за шеф на оваа партија дојде пред неколку месеци, а откако премиерот Ариел Шарон, револтиран поради тоа што Ликуд се противи на повлекувањето на Израел од Газа, поднесе оставка и ја формира Кадима партијата. Веднаш потоа тој претрпе мозочен удар и од почетокот на годинава се наоѓа во кома.
XS
SM
MD
LG