Достапни линкови

Нема развој додека не влезат странски банки и реална конкуренција


Нема развој на малите и средни претпријатија се додека во државава не влезат познати странски банки кои ќе понудат реална конкуренција, наспроти сегашната лагодна позиција на постоечките кои бараат обемна административна документација и наплатуваат високи камати, реагираат сопствениците од овој бизнис сектор коментирајќи ги строгите кредитни услови кои им ги нудат банките, што години наназад се потенцира како една од главните пречки за развој на малите и средни претпријатија во државава. Стопанственикот Адем Кочан изјавува:

„Банките сеуште не се трудат доволно, затоа што немаат конкуренција. Сеуште ние молиме за парите. Во светот е обратно. Тоа е основниот недостаток на банкарскиот сектор. Од тие причини и каматите се исклучително високи, највисоки во овој регион.“

Банкарскиот систем наплатува камати од 12 до 18%, за користење на кредити за бизнис, што се сметаат за едни од највисоките во регионот. Кочан додава дека со влегувањето на конкуренцијата, тие би се намалиле, а банките повеќе не би биле во позиција да ги штитат само големите успешни компании:

„Сеуште се огромни каматите што ги плаќа стопанството во Македонија и не можеме да тргнеме во развој без намалување на каматните стапки.“

На обвинувањата за високите каматни стапки банките се бранат со непостоењето на ефикасен судски систем во земјава, кој ќе им гарантира наплата на кредитот. Но, доколку и по овие каматни стапки сепак се одлучат за користење на кредити, претпријатијата мора да достават и обемна уредна документација која на некој начин претставува комплетен,,претрес,, на претпријатието. Токму тука настануваат проблемите, велат од банкарскиот сектор, бидејќи голем од малите и средните претпријатија најчесто непоседуваат ваква уредна документација. Од тие причини и бројот на издадени кредити е многу мал.

„Она што банката го бара се инвестициона програма, сопствено учество на кредитобарателот, позитивен бонитет, задолжителен степен на ликвидност за сервисирање на долгот, позитивно мислење за еколошките аспекти на проектот, тоа е по потреба,“

вели Светлана Ристевска од Тутунска Банка. По долги години обиди за развој на малиот и среден бизнис сектор, неодамна се формираше Гарантен фонд кој во иднина ќе издава гаранции за банките што се колебаат при издавањето на кредити за малите бизниси.
XS
SM
MD
LG