Достапни линкови

Главна тема - енергетската стабилност на ЕУ


Енергетската стабилност на Европската Унија, тоа е главната тема на дводневниот евро самит што почнува денеска во Брисел. Со други зборови, според аналитичарите, на централно место се односите на Унијата со Русија, бидејќи таа не само што и е најважниот снабдувач со енергија, туку ги контролира и клучните транзитни патишта на нафтата и гасот од Централна Азија.

Кога ќе кажеш дека самитот на Европската Унија е преокупиран со енергијата, тоа е како да велиш дека собирот е опседнат со Русија. Руско украинскиот спор во јануари годинава што доведе до недостиг на гас и во некои земји на Унијата како да го разбуди Брисел. Половина од потребите со гас во Западна Европа се покриваат од Русија. А европските потреби за енергија растат со секој ден. Во минатата недела претседателот на Европската Комисија Хозе Мануел Баросо престојуваше во Москва на разговори со шефот на руската држава Владимир Путин кој, како што беше соопштено, го уверил дека Русија сака да биде сигурен и стабилен партнер со Европската Унија. Но, Баросо беше принуден да каже дека не бил постигнат договор за две клучни прашања:

„Не можам да кажам дека за се се согласивме. Путин остана на позната позиција да не ја потпишува Европската енергетска повелба. Тој исто така смета дека ќе треба уште многу време за да може да се дозволи некоја странска нафтена компанија да влезе во Русија.“

Токму овие две прашања го објаснуваат проблемот на Европската Унија. Со енергетската повелба всушност се овозможува европски компании да инвестираат во Русија. Голем број аналитичари велат дека Унијата мора да изнајде алтернативни енергетски извори. Мајкл Емерсон од Центарот за Европска политика вели дека единствен начин за да се натера Русија да ги почитува мултилатералните пазарни правила е ако Брисел покаже сериозна намера дека бара алтернатива:

„Главниот лост е кредибилноста во внесувањето различни опции, како например од градењето нови гасоводи од Каспискиот регион па се до нуклерната и развојот на некои видови обновлива енергија.“

Едно од решенијата, според Емересон, може да биде најавуваниот гасовод ,,Набуко,, кој ќе минува низ Турција и Југоисточна Европа. Јулија Монтанаро Јанковски, истражувач во Центарот за Европска политика е на мислење дека Русија ја користи енергијата како средство во меѓународната политичка сцена:

„Затоа на самитот Ге Осум тоа е од голем приоритет за Русија. Преку енергијата Путин се обидува повторно да го стекне престижот на Русија на меѓународната сцена.“

Во таа намера, според Монтаро Јанковски, на Путин му оди на рака и тоа што многу земји од поранешниот Советски сојуз каде што има големи извори на гас остануваат да бидат тесно поврзани со Москва.
XS
SM
MD
LG