Достапни линкови

Има многу нејаснотии


Составот на избирачките одбори, начинот на избирање на претседателот на Државната изборна комисија, избирачките списоци се дел од главните забелешки на опозицијата во врска со предложениот изборен законик. По постигнатиот компромис помеѓу Владата и претставниците на политичките партии, избирачките органи да бидат составени не само од членови на државната администрација, туку и од претставници на политичките партии, незадоволна остана опозициската ВМРО народна, која поднесе шеесетина амандмани на предложениот текст.

„Еден е и член од ВМРО-Народна да биде претставник на изборачкиот одбор. Исто така имаме амандман за составот на ДИК, нејзиниот избор за претседателот на ДИК итн, овие амандмани не се напишани од инает, туку навистина сметаме дека се исправни, не треба да се заборави и фактот дека ВМРО-Народна е најголемата опозициона партија застапена во парламентот,“

изјави Жарко Караџоски од ВМРО Народна

И за демократската партија на Албанците остануваат нејасни многу решенија во законот.

„Членови на избирачките одбори ќе учествуваат и претставници на политичките партии кои добиле најмногу гласови на минатите избори. Тоа треба да се прецизира, две политички партии, или три или четири кои добиле повеќе избори,“

вели Илијаз Халими од ДПА

И од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека избирачките одбори треба да ги сочинуваат претставници од сите политички партии во земјата.

„Од поодамна е позната реченицата дека не е важно кој и како гласа, туку кој ги брои гласовите. Ние сакаме гласовите да бидат броени од претставниците на сите партии, па да имаме реална слика што ќе ја одразува волјата на македонските граѓани,“

изјави Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ.

Владејачката Социјал демократска партија останува на ставот дека ќе го поддржи постигнатиот политички компромис помеѓу Владата и политичките партии.

„Апсолутно СДСМ не сака да биде вовлечен во играта и несогласувањата и кавгите помеѓу ВМРО-Народна и ВМРО ДПМНЕ. Не може премиерот да биде медијатор во овој случај,“

изјави Борис Кондарко, портпарол на СДСМ

Од министерството за правда потенцираат дека измените што се однесуваат на составот на избирачките органи важат само за претстојните избори. И владејачките и опозициските партии имаат оптимистички очекувања од денешната собраниска расправа. Едните со надеж дека ќе бидат прифатени нивните амандмани, а другите дека ќе се надминат меѓусебните недоразбирања.
XS
SM
MD
LG