Достапни линкови

Нема опасност од поширока дестабилизација на регионот


Додека целото соседство реагираше, Македонската Влада сеуште нема официјална реакција по смртта на поранешниот претседател на Србија и Сојузна Република Југославија, Слободан Милошевиќ. Со свој коментар засега не се огласува ниту Кабинетот на претседателот Бранко Црвенковски. За можните импликации врз земјава, за евентуалното нарушување на односите во регионот, единствено коментираат експертите, кои се согласни дека смртта на Милошевиќ не е со толкав капацитет за да предизвика поширока дестабилизација во регионот. Според професорот од Институтот за одбрана Биљана Ванковска, главните импликации ќе ги почувствува Србија, а она од што е засегната земјава е релацијата Белград-Приштина посебно поради актуелното решавање на косовското прашање, но според неа ситуацијата не би имала драматични димензии:

„Не би ги драматизирала, во смисла на некои поголеми нарушувања на односите во регионот, меѓутоа сега се поставува прашањето како понатаму ќе течат односите меѓу Белград и Приштина, особено заради една чудна коинциденција. Имено во Приштина веќе премиер е човек кој што го водеше вооруженото востание во Косово и сега останува да видиме како во наредните денови ќе течат случувањата и радикализацијата на политичкиот дискурс во Белград.“

Со став дека нема да има нарушување на односите меѓу земјите од Балканот или евентуални последици врз државава, е и аналитичарот Хисен Рамадани:

„Мислам дека јавното мислење и воопшто свеста на луѓето се убедени дека тоа беше една историска фаза која е веќе завршена.“

Оценува Рамадани. Говорејќи за поширокото значење експертите сметаат дека смртта на Милошевиќ во моментов отвара едно друго сериозно прашање, што ја засега нашата земја, а тоа е кредибилитетот на Хашкиот Трибунал, посебно поради тоа што во моментов во судот во Хаг се наоѓаат двајца македонски државјани. Во оваа насока Ванковска коментира:

„Готовина е сега најкрупната ,,риба,, во тој затвор и во таа една констелација самиот случај на Љубе Бошковски станува патетичен, да речам побезначаен отколку досега. Меѓутоа од друга страна ќе видиме како Хашкиот Трибунал ќе се однесува кон преостанатите случаи и дали можеби сега Карла Дел Понте ќе сака да си го спаси образот со тоа што ќе исфорсира судењата побргу да завршуваат.“

вели професор Ванковска.
XS
SM
MD
LG